Фото: Confer

Мокси Марлинспајк, човекот кој го создаде Signal и го постави стандардот за приватно комуницирање, сега се впушта во нова мисија, да ја направи вештачката интелигенција исто толку приватна како и шифрираните пораки. Неговиот најнов проект, наречен „Confer“, е ВИ „четбот“ со отворен код кој ветува дека никој освен вас нема да може да ги види вашите разговори со „него“.

Додека денешните популарни ВИ алатки како ChatGPT, Gemini или Grok собираат огромни количества податоци од корисниците, кои често ги користат за тренирање на моделите или ги чуваат на сервери каде можат да бидат пристапени од компанијата, хакери или дури и по судски налог, Марлинспајк смета дека тоа е неприфатливо. Тој ги споредува тековните ВИ разговори со „исповед во огромно езеро од податоци“, каде вашите најинтимни мисли, тајни, бизнис планови или лични проблеми можат да завршат во рацете на некој друг.

Confer работи по сосема поинаков принцип. Користејќи од-крај-до-крај шифрирање слично на тоа во Signal, сите прашања и одговори со ВИ ботот се шифрирани така што само вие можете да ги прочитате. Платформата, програмерите, па дури и потенцијалните хакери немаат пристап до содржината. Проектот е целосно со отворен код, што значи дека секој може да го провери кодот и да придонесе во развојот.

Марлинспајк вели дека корисниците често со ВИ разговараат како со доверлив пријател или дневник, споделуваат стравови и најдлабоки тајни. Затоа приватноста мора да биде вградена од основа, а не додаток кој може да се активира подоцна.

Confer моментално е во фаза на тестирање, но веќе привлекува големо внимание во технолошката заедница. Многумина го гледаат како потенцијален конкурент на гигантите како OpenAI и Google, особено за корисници кои ја ценат приватноста над сè.