Цела драма може да се каже се случи периодов со еден од најпознатите YouTube канали кои објавуваат видеа на тема технологија. Linus Tech Tips со своите 15,5 милиони претплатници е меѓу најпознатите и најдобрите вакви канали, а слободно може да се каже дека и единствен според стилот на видеата.
Голем дел од видеата на овој канал се тестирање на одредени уреди, а едно вакво видео ги започна проблемите кои доведоа до првата пауза од објава на видеа од почетокот на каналот. Паузата е најавено дека ќе трае недела дена додека во компанијата се организираат и почнат со решавање на некои од проблемите кои имаат излезено на површина.
Работата започнува со објава на тест на уред за ладење на компјутерите, поточно на процесорот и графичката картичка во исто време. Се работи за нов уред од компанијата Billet Labs кој бил замислен да се користи со Nvidia RTX 3090 Ti картичката, но Лајнус ја тестира со 4090. Видеото не е баш позитивно за уредот, а Лајнус е критикуван за одбивањето да направи втор тест со графичката картичка која е замислена да функционира со овој уред.
Обвинувањата одат до таму дека тој подоцна го продава уредот, наместо да го врати на производителот како што било договорено, нешто што тој го негираше.
Проблемите започнуваат по објава на видео од конкурентниот канал Gamers Nexus преку кое го критикуваат видеото од Linus Tech Tips, по што започнува цела дебата на страната од компанијата, а Лајнус се приклучува со негов одговор.
Резултатот од сето ова е објава на видео од Linus Tech Tips во кој Лајнус на крајот се извинува и ги објаснува случувањата. Каналот ќе направи пауза од цела недела додека да се решат работите внатре во компанијата, па ќе видиме што ќе се случува после.