После години на тестирање, Meta се подготвени да ја пуштат досега достапната функција по избор, за сите приватни разговори и повици во Messenger и Facebook. Корисниците веќе нема да треба да започнат посебен приватен разговор за да добијат дополнително шифрирање, па истото ќе биде автоматски вклучено за сите разговори преку Messenger и Facebook.
Можноста за правење на таканаречените „од-крај-до-крај“ шифрирани разговори е достапна во Messenger уште од 2016 година, но како посебен разговор кој корисниците мораат да го започнат.
На почетокот овие разговори ги немаа повеќето од функциите кои се достапни на обичните разговори, како што се теми, бои, реакции и слично, но во годините кои поминаа Meta почна со додавање на повеќето од нив.
Ова направи да корисниците веќе можат слободно да почнат да ги користат шифрираните разговори како стандарден начин на комуникација, но тоа не беше потребно поради најавата дека од компанијата планираат да ги направат сите разговори шифрирани, како што е случајот со нивната WhatsApp апликација.
Пуштањето на оваа промена ќе трае неколку месеци, сепак се работи за повеќе милијарди корисници. Кога истата ќе стане достапна кај корисниците, од нив ќе биде побарано да изберат „пин“ код, а ќе бидат и информирани зошто тоа се бара од нив и кои се промените кои се воведуваат.
Користењето на „од-крај-до-крај“ шифрирање кај разговорите овозможува корисниците да имаат целосна приватност, односно содржината не можат да ја види никој, па дури ни Meta.

Со најавата на оваа новина, Meta најавија и уште неколку други новини кои досега воопшто не беа достапни на Messenger.
Едната таква доста корисна новина е можноста за измена на пораките, 15 минути по нивното праќање. Со тоа се става крај на потребата да се прави уште една порака, поради направените грешки во претходната.
Од компанијата најавуваат и пораки кои „исчезнуваат“, како и дополнителни контроли на „read receipts“ функцијата.
Корисниците на Messenger конечно ќе ја добијат и можноста да испраќаат слики и видеа во повисока резолуција, односно се најавува HD резолуција, што значи дека компресијата на сликите и видеата ќе биде помала од сега.