После скоро пет години одбивање, Microsoft изгледа оваа година конечно ќе ја врати една од најбарните функции во Windows 11, можноста да се смени позицијата на долната лента, односно „таскбар-от“.
Ова како можност беше достапно во повеќето верзии од Windows, но беше тргнато со претставувањето на Windows 11, а најверојатно во голем дел поради фактот што лентата беше целосно преработена со новото Старт мени.
Досега можевме повеќе пати да прочитаме за тоа дека од компанијата не планираат враќање на оваа функцијата, а достапни беа и анализи зошто е тоа така.
Сега, извори на Windows Central истакнуваат дека развојот на оваа можност е започнат и на истиот е даден голем приоритет со планови да биде презентирана до летото.
Не е тешко да претпоставиме, доколку информацијата е точна, зошто од Microsoft дури сега се одлучуваат да ја донесат оваа функција. Од компанијата веќе одреден период добиваат доста критики за запоставување, кратко кажано, на Windows развојот на сметка на додавањето на ВИ функции каде и да стигнат.
Од компанијата дури најавија дека ги слушаат критиките, па оваа година ќе работат на донесување на некои од најмногу бараните функции, како и исправка на одредени грешки и проблеми со перформансите, како на пример проблемите со File Explorer.
Долната лента се планира да може да се постави на било која страна, односно лево, десно и на горната страна.
Покрај промената на позицијата, наводно се работи и на можноста да се избере големината, нешто што им е достапно на корисниците на macOS и познатиот „док“.
Во месеците што следат ќе видиме дали оваа информација е навистина точна.










































