Microsoft во текот на вчерашниот ден одржа настан на кој презентираше нови подобрувања кај нивниот OneDrive сервис. Со оглед на популарноста на сервисот, не е чудно што од компанијата редовно додаваат нови функции изминатите години, па може да се каже дека OneDrive е доста подобар од пред 4-5 години.
Очекувано, една од најголемите новини кои беа презентирани се интеграцијата на Copilot во OneDrive. Оваа интеграција сега е достапна за сите комерцијални корисниците, односно за корисниците кои плаќаат Microsoft 365 претплата. Со Copilot корисниците можат да сумираат датотеки, да прават споредба помеѓу датотеки и да добиваат разни одговори поврзани со датотеките.
Дополнително, корисниците добиваат пристап до Copilot Agents, нешто што им овозможува да самите креираат сопствени верзии на асистенти. Овие асистенти можат да бидат направени за секаква потреба која ја има корисникот, а се одлични за ситуации кога некои активност почесто се повторуваат.
Copilot Agents можат да бидат споделувани со другите корисници, преку другите сервиси од компанијата, како Teams, на пример.
OneDrive генерално добива подобрување во брзината на работата преку веб пристапот. Корисниците можат да очекуваат побрзо отворање на страницата, а посебно се истакнува подобреното пребарување за датотеки.

Како една од поинтересните новини е додавањето на поддршка за различни бои на папките во File Explorer во Windows. Корисниците кои избираат различни бои на папките во OneDrive, сега истите ќе можат да ги гледаат и преку File Explorer.
Една од главните новини е и целосно новата мобилна апликација од OneDrive. Од Microsoft изгледа имаат заклучено дека корисниците во голем дел ја користат оваа апликација за разгледување на сликите кои ги чуваат на сервисот, па новата верзија ќе биде во главно направена околу сликите.

Со помош на Copilot пребарувањето на сликите ќе може да се прави на доста поприроден начин, односно корисниците ќе можат да напишат што е тоа што сакаат да го најдат, а не само преку клучни зборови како досега.
Овие новини ќе бидат постепено пуштани на корисниците, а дел од нив ќе станат достапни идната година. Целата листа на новини можете да ја погледнете на оваа објава од Microsoft, а настанот можете да го погледнете во продолжение.