Microsoft официјално започна со пуштање на Windows 11 2023 надградбата која требаше да биде главната и најголема за оваа година. Од компанијата се одлучија да ги „измешаат“ работите малку, па не знам од која причина, повеќето новини беа пуштени во септември, па оваа надградба може да се каже дека во главно само ја менува верзијата на системот.
Ова значи дека корисниците кои ја инсталираа септемвриската надградба веќе го добија Copilot, новиот File Explorer, поддршка за контрола на RGB уреди, новиот Outlook, нови верзии од Snipping Tool и Photos, поддршка за „rar“ датотеки и повеќе.
Windows 11 2023 Update во главно ја менува иконата од Microsoft Teams, која досега беше означена како Chat, а сега ќе го носи името Microsoft Teams (free). Корисниците можат да продолжат да ја користат бесплатната верзија од Teams наменета за приватните корисници директно од долната лента.
Инсталацијата на оваа надградба за корисниците кои не се повеќе верзии назад, ќе биде брза и едноставна. За истата да им биде прикажана од Microsoft истакнуваат дека треба да биде вклучена можноста „Get the latest updates as soon as they’re available“ во Windows Update, но и ова не гарантира дека баш денес ќе може да се добие надградбата.