Microsoft официјално ја најави датата од која ќе стане достапна годишната поголема надградба на Windows 11. Корисниците ќе можат да почнат да ја инсталираат почнувајќи од 26 септември, а како и обично први ќе ја добијат тие кои ќе проверат самите за достапни нови верзии преку Windows Update.

Како што веќе ни е познато, главната новина во оваа верзија од Windows 11 ќе биде генеративната вештачка интелигенција, односно Copilot функцијата.

Microsoft започна со интеграција на ВИ во сите нивни производи и услуги, а така и самите го кажуваат, па оваа интеграција сега официјално е наречена Microsoft Copilot.

Како што веќе е познато, Copilot во Windows 11 ќе им биде достапен на корисниците во форма на лента која ќе се појавува од десната страна. Се активира со секогаш достапното копче на долната лента или со ctrl + C кратенката.

Корисниците со Copilot ќе можат да вклучуваат одредени команди за самиот оперативен систем, да сумираат текст, да креираат текст, слики и слично. Во основа, се што сега е достапно преку новиот Bing, корисниците го добиваат интегрирано во Windows 11, заедно со дополнителни функции поврзани со самиот систем.

Вештачката интелигенција со новата верзија од Windows 11 доаѓа и кај неколку апликации од Microsoft. Во Paint се добива можноста за отстранување на позадината, а тука се и новите слоеви. Photos добива можност за автоматско заматување на позадината, а помош од ВИ добива и Snipping Tool.

Новиот Outlook, кој веќе доста време се тестира, со оваа верзија од Windows 11 конечно доаѓа прединсталиран за корисниците. Оваа нова апликација ги унифицира досега бизнис апликацијата Outlook и Mail and Calendar апликацијата.

Дел од оваа надградба е и модернизираната верзија од File Explorer која веќе еднаш доби редизајн кој сега донесува дополнителни промени и функции.

Надградбата ќе може да се симне почнувајќи од 26 септември, а јас како и обично веднаш ќе ја инсталирам и ќе ги пробам новите функции на одличниот Windows 11.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаUSB-C приклучокот кај iPhone 15 серијата нема никакви ограничувања кои беа неофицијално најавувани
Следна статијаСерии со кои Pickbox NOW ја отвора есенската сезона
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.