OnePlus стана уште еден играч на пазарот на уреди на преклоп со нивниот OnePlus Open. Уредот е директен конкурент на Galaxy Z Fold серијата од Samsung, Pixel Fold од Google и уште неколку други.
Од тоа што може да се види од претставувањето на уредот, тој ќе им биде доста сериозна конкуренција на останатите, па во некои делови може да се каже дека OnePlus донесуваат подобри решенија.
Тоа што остава позитивен впечаток е форматот на Open, односно кога е затворен тој наликува на обичен смартфон, па корисниците нема да бидат „приморани“ да најчесто го користат поголемиот екран, како што тоа е случајот со некои од конкурентите.
OnePlus Open има два екрани, од кои надворешниот е со големина од 6,31 инч, направен е секако во OLED технологија и има стапка на освежување од 120 херци. Внатрешниот, односно екранот кој се превиткува, е со големина од 7,82 инчи и исто така е направен во OLED технологија и има стапка на освежување од 120 херци.
Уредот работи на Snapdragon 8 Gen 2, а доаѓа и со 16GB LPDDR5X RAM и 512GB UFS 4.0 простор за податоци. Батеријата му е со капацитет од 4.805 mAh, а карактеристично за кинеските производители, доаѓа со полнач со 67W, кој го полни уредот од 1 до 100% за околу 42 минути.

OnePlus Open целосно се затвора, односно двете страни целосно се допираат, со што се добива најтенок уред што може. Механизмот за преклоп од компанијата го промовираат како посебно развиен и со доста помал број на делови, 69 поточно, додека конкурентите обично имаат над 100. Ова треба да го направи користењето подобро, а векот на механизмот подолг.
Од тестирањата кои веќе ги почнаа американските „блогери“, механизмот е доста прецизен и точно може да се намести каде што корисникот сака, а тоа посебно доаѓа до израз до можност да се постави на маса и интерфејсот да се прилагоди за овој начин на користење.
Како една од најдобрите функции на OnePlus Open мора да се истакне OxygenOS 13.2. Од OnePlus посебно го имаат прилагодено за работа со поголеми екран и ја имаат додадено функцијата Open Canvas.
Оваа функција може да се каже дека ги „засрамува“ сите други уреди кои нудат некаков вид на работа со неколку апликации на поголемиот екран. Open Canvas, наместо само да ги нареди апликациите една до друга, колку што има место на екранот, активната апликација ја зголемува до одреден процент, додека другите, до три апликации, се намалуваат на страните од екранот. Истите се сепак видливи и кога корисникот ќе притисне на некоја од нив, таа ќе се зголеми и ќе го преземе главниот простор на екранот.
Секако, останува можноста две апликации да се наместат една до друга, за работи како повлекување на датотеки од една во друга апликација.

OnePlus Open доаѓа стандардно со камери кои го носат брендот на Hasselblad, што гарантира за одреден квалитет при сликање, како поради хардверот, така и софтверот.
На задната страна, во прилично голем модул, се достапни три камери со 48, 64 и 48 мегапиксели, а од компанијата посебно ја истакнуваат способноста за собирање на светлина од главната камера Sony LYTIA-T808. „Селфи“ камерите се со 20 и 32 мегапиксели.