Со кратка објава на X, Opera најави дека посебната верзија од нивниот прелистувач, Opera GX, ќе стане достапна на Linux.
Opera GX беше претставен во 2019 година како обид да се привлечат „гејмерите“ кон овој доста популарен, но со не така голем број на корисници, прелистувач. GX верзијата од Opera им овозможува на корисниците следење на ресурсите на компјутерот, нивно ограничување, како и посебен кориснички интерфејс.
Тоа што привлекува посебно внимание за да воопшто напишеме нешто на оваа тема е што објавата доаѓа во време кога Microsoft добива се повеќе критики за перформансите на Windows 11, како и неговото преполнување со вештачка интелигенција.
Поради тоа, а и Proton технологијата на Valve, направена на основа на познатата Wine, која ги донесе повеќето Windows игри на Steam OS, односно на Linux, времето никогаш досега не било повеќе погодно за корисниците да го изберат Linux, дури и ако играат игри.
Opera нивната објава на X ја направија како цитат на објава од Windows Latest за планот на Microsoft да го донесе Copilot на уште едно место, овој пат директно интегриран во File Explorer.
Јасно е дека со тоа сакаат да кажат дека го забележуваат трендот на зголемена популарност на Linux, а во главно поради односот на Microsoft кон Windows.










































