Фото: OPPO

Како што неодамна беше најавено, OPPO го подготвуваше својот следен паметен телефон на преклоп, чија главна карактеристика е линијата на местото на превиткување на екранот. Сега, производителот и официјално го претстави моделот Find N6, објавувајќи ги сите технички детали. 

Уредот доаѓа со ревидиран дизајн на шарките кој овозможува намалена видливост на линијата на внатрешниот екран преку технологијата наречена „Zero-Feel Crease“. 

За да се постигне ова, производителот разви нов систем на шарки изработен од титаниумска легура, кој овозможува екранот да се свитка во форма која не создава остар агол при затворање. Оваа структура го намалува механичкиот притисок врз флексибилниот панел и го минимизира просторот помеѓу двете половини на уредот.

Дополнително, ОPPO користи и стакло кое го нарекува „Auto-Smoothing Flex Glass“, кое успева да овозможи враќање во првобитната положба без видливо дефомирање, кратко кажано.

Фото: OPPO

Покрај хардверските промени, системот вклучува и софтверски додатоци за мултитаскинг преку функцијата Free-Flow Window, а додадена е и поддршка за дигиталното пенкало OPPO AI Pen.

Надворешниот екран на новиот модел изнесува 6,62 инчи и се одликува со тенки симетрични рамки од 1,4 милиметри. Со отворање на уредот се пристапува до главниот внатрешен екран кој нуди дијагонала од 8,12 инчи. Двата панели поддржуваат максимална осветленост од 1.800 нита при надворешни услови.

Дизајнот на куќиштето е изработен со цел да понуди дебелина слична на стандардните паметни телефони, а корисниците ќе можат да изберат помеѓу Stellar Titanium и Blossom Orange боите. 

Фото: OPPO

Во поглед на издржливоста, уредот нуди зголемена отпорност на надворешни влијанија, потврдена преку сертификатите IP56, IP58 и IP59. Ова значи дека телефонот има заштита од прашина и е отпорен на различни нивоа на изложеност на вода, вклучително и млазови под висок притисок и висока температура.

Системот на камери е повторно развиен во соработка со Hasselblad и е предводен од главен сензор со резолуција од 200 мегапиксели. Ултрашироката камера користи сензор од 50 мегапиксели кој апсорбира повеќе светлина од претходниот модел, додека третата камера е 50-мегапикселна перископска телефото единица со тројно оптичко зголемување и макро опција. За попрецизен приказ на боите, интегриран е и сензорот True Color.

OPPO Find N6 работи на Snapdragon 8 Elite Gen 5, што значи дека ќе го понуди најдоброто моментално на пазарот, барем кога е во прашање Android понудата. Батеријата ја користи новата силициумска технологија и доаѓа со капацитет од 6.000 mAh.

Официјалната глобална достапност на паметниот телефон е закажана за 20 март.

Претходна статијаSamsung го запира производството на Galaxy Z TriFold по само три месеци
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.