Пред десетина денови, доста ненадејно, Панос Панај најави дека после скоро 20 години во Microsoft, ја напушта оваа компанија. Панај беше лицето на компанијата, а посебно кога се во прашање Surface уредите, а изминатите години и Windows.
Неговиот стил на презентација ги привлекуваше фановите, а тој се сметаше како директно одговорен за успехот на оваа линија на производи во компанијата.
Информациите веднаш почнаа да одат во правец на тоа дека Панај ќе оди во Amazon, па како што најчесто е случајот, шпекулациите испаднаа точни.
Панај при крајот на октомври ќе ја преземе позицијата на главен на бизнисот со Уреди и Сервиси во Amazon, а оваа позиција ќе ја напушти Дејв Лимп, кој па ќе оди да биде главен директор на Blue Origin, компанијата на поранешниот директор на Amazon, Џеф Безос.
Од ова се гледа дека Панос Панај ќе продолжи да го работи тоа во кое се има покажано како доста способен, па сега можеме да очекуваме нови и интересни уреди од Amazon.
Една од причините кои неофицијално се истакнуваат за напуштањето на Microsoft е намалувањето на инвестициите во нови Surface уреди, како и можноста за експериментирање. Исто така, од компанијата беа отпуштени голем број на вработени, што дополнително влијае на можноста на работата на секторите кои биле најмногу погодени.
„Панос ги помина последните 19+ години во Microsoft, каде што неодамна беше потпретседател и главен директор за производи, водејќи го одделот за Windows + уреди. Пред оваа последна улога, Панос имаше различни лидерски позиции, вклучително и корпоративен потпретседател за уреди на Microsoft, како и главен на Surface и PC хардвер, каде што го поттикна создавањето и воведувањето на линијата производи Surface. Како силен произведувач на производи и пронаоѓач кој има длабоко искуство и во хардвер и во интегрирани услуги, Панос ќе биде одличен додаток на нашата организација Уреди и Сервиси отсега.“ – истакна Енди Џеси, директорот на Amazon.