Perplexity AI направи голем чекор напред во трката за автономни AI агенти. На својата прва програмерска конференција Ask 2026 одржана во Сан Франциско, компанијата го претстави производот „Personal Computer”, софтвер кој се инсталира на Mac mini и работи континуирано во позадина, без прекин.
Идејата е едноставна, но амбициозна, а морам да признаам и малку загрижувачка од аспект на приватноста. Наместо да и давате задачи на ВИ, таа самата ги следи апликациите, датотеките и работните сесии и ги извршува задачите без да мора да корисникот да е присутен.
Од компанијата тоа го опишаа вака: „Традиционален оперативен систем зема инструкции. ВИ оперативен систем зема цели.”
Personal Computer доаѓа по неодамна претставениот Perplexity Computer, кој исто така оркестрира до 20 различни ВИ модели во облакот. Новото е тоа што сега ВИ добива постојан, локален пристап до машината на корисникот, Gmail, Teams, GitHub, Notion, Salesforce, и може да дејствува проактивно, без да чека команда.
Personal Computer функционира како агент со вештачка интелигенција кој се интегрира во работната околина на корисникот со цел автономно управување со рутински задачи. Системот има способност да организира локални датотеки, да ги координира апликациите за секојдневна комуникација и да извршува команди врз основа на контекстот на корисникот. Главната разлика во архитектурата на овој производ е фокусот на локализираното процесирање, што овозможува побрз одзив и поголема контрола врз приватноста на личните податоци.
Чувствителните акции бараат потврда од корисникот, постои детален запис на сите активности, а постои и копче за итно гасење на системот. ВИ обработката сепак се случува на серверите на Perplexity, а локалниот Mac mini служи само како постојано јадро поврзано со нивната платформа.
Засега, пристапот е ограничен. Производот е достапен само за претплатниците на Perplexity Max, кои плаќаат 200 долари месечно и за сега работи исклучиво на Mac. Заинтересираните можат да се запишат на листа на чекање преку официјалниот сајт.
Personal Computer не е хардвер кој Perplexity го произведува, а Mac mini компјутерот секако е на корисникот. Она што го нуди Perplexity е слојот на интелигенција врз него.









































