Сите оние кои сакаат луксузен Galaxy телефон, а немаат доволно длабок џеб за да си ги дозволат смартфоните од S и Note серијата, од неодамна имаат можност да го направат тоа со Galaxy A телефоните, кои сега веќе ја доживеаја и втората генерација. Galaxy A3, A5 и A7 ги карактеризира луксузен дизајн со тенко куќиште, изработено од метал и стакло – исто како кај поскапите браќа.
Покрај тоа што во однос на претходниците се користени поквалитетни материјали, има и напредок во перформансите и камерите, кои сега опасно се доближуваат до високата класа. Но, да почнеме со ред.
Samsung Galaxy A3
Најевтиниот телефон од „А“ серијата има 4,7 инчен Super AMOLED дисплеј со HD резолуција и Gorilla Glass 4 заштита, што е во рамките на средната класа. Во внатрешноста бие срцето на добро познатиот Snapdragon 410 чип со четири јадра, кој е помогнат од 1,5 GB рам меморија и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Веројатно минимумот хардверски побарувања за прилично тешкиот TouchWiz скин на Samsung.
Камерите сега добиваат поголема резолуција – задната има 13 мегапиксели, додека предната 5 мегапиксели. Батеријата има капацитет од 2300 mAh, што би требало да е доволно за цел ден користење со оглед на користењето на штедлив чип и Super AMOLED дисплејот. Малиот капацитет на батеријата пак е заслужен за тенкото тело – само 7,3 mm. Samsung Galaxy A3 ќе може да се купи и во Dual SIM варијанта.
Samsung Galaxy A5
Средниот модел во Galaxy A понудата има 5,2 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција и Gorilla Glass 4 стакло, што е рамо до рамо и со некои телефоните од високите класи. Процесорот е помоќен – има осум јадра кои работат на 1,6 Ghz, а помогнат е и од 2 GB рам меморија. Како и кај помалиот модел и овде има 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.
Како и кај помалиот А3 модел и тука камерите имаат 13, односно 5 мегапиксели, но со една многу важна разлика – задната камера има оптичка стабилизација. Ова овозможува многу пoдобри слики навечер, бидејќи телефонот нема да мора да користи високо ISO за да биде светла фотографијата, но и постабилно видео, во овој случај максимум Full HD. Galaxy A5 има уште еден адут во ракавот – читач за отпечатоци на прстите, ставен во предното “Home” копче.
Батеријата во овој модел има капацитет од 2900 mAh, што исто така би требало да е доволно за цел ден користење, а дебелината на телото исто така изнесува само 7,3 mm.
Samsung Galaxy A7
Galaxy A7 е најголемиот и најмоќен модел во понудата. Има 5,5 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција и Gorilla Glass 4 заштита и истиот процесор од Galaxy A5, но тука помогнат од 3 GB рам меморија, што треба да овозможи помазно работење со повеќе апликации одеднаш. И тука има 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.
Камерите се исти како кај Galaxy A5, како и предниот читач за отпечатоци на прстите. Galaxy A7 секако има поголема батерија – 3300 mAh која треба да овозможи прилично подолго време на траење, но дебелината на телото останува иста како кај претходните два модели – 7,3 mm.
Сите модели ќе доаѓаат со вграден Android Lollipop 5.1, веројатно со можност за надградба на Marsmallow наскоро. Секако, врз Android е ставен TouchWiz скинот на Samsung, кој не е баш по вкусот на сите купувачи, а се покажува и како прилично тежок товар за внатрешните компоненти дури и кај Galaxy S6 и Galaxy Note 4 моделите.
Новите Galaxy A уреди треба да пристигнат на пазарот на почетокот од наредната година и секако треба да ги очекуваме и кај нас. Цените сеуште не се објавени, но би требало да бидат во рамките на актуелните модели.
Извор: Android Central, GSMArena, Samsung