Финската компанија Jolla е компанија која беше основана во 2011 година од страна на поранешни директори и инженери од познатата Nokia. Поради познатиот пад на популарноста на едно време најпознатиот бренд за мобилни телефони, а и соработката со Microsoft, воопшто не изненадуваат можните основања на посебни компании од вработените.
Од компанијата сакаат да се промовираат како европска алтернатива која на корисниците им ја донесува предноста на законите за приватност од Европската Унија и како четврта алтернатива на пазарот со нивниот Sailfish OS оперативен систем, покрај Android, iOS и HarmonyOS.
Sailfish OS е направен на основа на MeeGo системот кој никогаш не успеа да добие доволно голема поддршка од тогашната екипа во Nokia, па од компанијата решија да одат во правец на користење на Windows Phone.
Основата на системот е Linux, а додадена е и поддршката за Android апликации, без Play Services за подобра приватност.
Првиот телефон од компанијата го претставија во 2013 година, а последен пат за нив можевме да прочитаме пред повеќе години.
После подолга тишина, како што од компанијата самите истакнуваат, тие повторно се враќаат на пазарот со нов Jolla Phone. Првата „тура“ на продажба веќе заврши, па од компанијата ја најавија и втората тура која е ограничена на 2000 уреди.
Цената на новиот Jolla Phone е околу 550 евра, а корисниците прават нарачка со плаќање 99 евра, сума која може да им биде вратена ако се премислат.
Телефонот доаѓа со Sailfish OS 5, промовиран како единствениот европски мобилен оперативен систем. Поради тоа што посебно внимание се истакнува на приватноста, телефонот има можност за физичко исклучување на камерата и микрофонот, а доаѓа и со можност за замена на батеријата.
Од компанијата истакнуваат дека Jolla Phone работи на Mediatek 5G чип, доаѓа со 12GB RAM, како и 256GB простор, AMOLED екран со големина од 6,36 инчи и FullHD резолуција, два камери на задната страна со 50 и 13 мегапиксели, како и батерија со капацитет од 5.500 mAh.
Интересно е што главниот акцент на Jolla е приватноста, фактот дека тие не ги следат своите корисници, како и европското потекло, па баш ме интересира дали некој ќе ги потврди овие големи тврдења преку тест.









































