По потврдата на неофицијалните најави дека Apple ќе ги користи Gemini јазичните модели за Siri и Apple Intelligence, сега имаме поконкретни очекувања за тоа што ќе донесе iOS 26.4, односно дека Siri конечно ќе го добие унапредувањето кое беше најавено пред скоро две години.
Сепак, работите нема да застанат тука, па познатиот Марк Гурман од Bloomberg сега најавува целосно нова верзија од Siri со најавата на iOS 27 во јуни на WWDC, односно за сите корисници во септември.
Siri наводно ќе прерасне во целосен „четбот“, таков како ChatGPT, Gemini, Grok и Claude, а според Гурман, оваа верзија од асистентот ќе работи целосно на јазичните модели од Gemini, па дури и серверите на Google.
Од компанијата претходно истакнаа дека не планираат да претстават „четбот“, па сакаат Apple Intelligence функциите да бидат интегрирани и секогаш достапни кога на корисникот тоа му е потребно.
Популарноста на ваквите апликации изгледа ги има премислено директорите во Apple, а Гурман посебно ја истакнува желбата да им се конкурира на OpenAI.
Едно ќе остане во рамките на првичниот став на директорите, а тоа е дека Siri нема да функционира како посебна „четбот“ апликација, па корисниците ќе ја повикуваат на истиот начин како и досега. Разликата ќе биде што сега Siri ќе може да ги извршува сите функции кои се карактеристични за „четботовите“ како ChatGPT.
Според најавите, поради интеграцијата на Siri во сите оперативни системи од компанијата, односно iOS 27, macOS 27 и iPadOS 27, Siri ќе ја има можноста да се интегрира кај сите апликации и да нуди помош, апликации како Mail, Messages, Photos, Music и другите.
Оваа можност, заедно со тврдењето на Гурман дека Apple ќе почне да ги користи серверите на Google, веднаш го отвора прашањето за приватноста. Од компанијата се познати за посебното давање на значење на приватноста на корисниците, па поради тоа и ги креираа Private Cloud Compute серверите, но не е познато сега зошто би ги заобиколиле.
Едната логика зад ова е повеќе годишното тренирање на Gemini од страна на Google, па изгледа најдобрите резултати би се добиле доколку целосно се искористи моќта на овој „четбот“.
Од Apple сепак наводно планираат да додадат одредени нивни заштити кои би ги заштитиле корисници, како помала меморија на разговорите, но ќе видиме повеќе на WWDC 2026 што точно планирааат од компанијата.








































