SpaceX објави дека ја презема компанијата за вештачка интелигенција xAI во трансакција што ги спојува две од најамбициозните компании на Елон Маск. Објавата дојде во понеделникот преку објава на официјалната веб страница на SpaceX, каде што Маск наведе дека формира систем за иновации што ќе функционира и на Земјата и надвор од неа, вклучувајќи вештачка интелигенција, ракети, интернет од орбита и социјалната мрежа X.
Според документите до кои имале пристап новинарите, спојувањето е структурирано како размена на акции каде што една акција на xAI се претвора во 0,1433 акции на SpaceX. Вредноста на xAI во оваа трансакција изнесува околу 250 милијарди долари, додека SpaceX е проценет на 1 трилион долари.
Маск објасни дека една од главните причини за спојувањето е изградбата на орбитални центри за податоци. Според него, глобалното барање на ресурси за процесирање на вештачка интелигенција наскоро ќе надмине достапни капацитети за електрична енергија и ладење на Земјата. Во рок од две до три години, најевтиниот начин за генерирање на моќ за вештачка интелигенција ќе биде преку инфраструктура во вселената која користи постојана соларна енергија.
Трансакцијата е најголемото спојување и преземање во историјата и доаѓа пред планираното јавно издавање акции на SpaceX подоцна оваа година. Според извештаите, SpaceX размислува да соберe до 50 милијарди долари со вреднување што може да достигне 1,5 трилиони долари.
Спојувањето е структурирано така што xAI остануваa целосно во сопственост на SpaceX, но како одвоена правна единица. Ова му овозможува на xAI да ја задржи одговорноста за сопствените договори, долгови и обврски, што го штити SpaceX од потенцијални регулаторни истраги и тужби поврзани со X, социјалната мрежа што работи под xAI.
Меѓу инвеститорите во последниот круг финансирање на xAI се Nvidia, Cisco Investments, Valor Equity Partners, Stepstone Group, Fidelity, Qatar Investment Authority, MGX од Абу Даби и Baron Capital Group. Tesla минатата недела објави дека исто така инвестира околу 2 милијарди долари во xAI.
SpaceX оперира со Starlink сателитски интернет сервис што има повеќе од 9.000 сателити во орбита и околу 9 милиони корисници. Компанијата има договори со Одделот за одбрана и NASA што ги поддржуваат нивните мисии за Месечината.








































