Фото: Depositphotos

Како дел од стандардните месечни исправки, во овој случај од ноемвриската група, Windows 10 и Windows 11 добија исправка на цела листа на безбедносни пропусти. 

Вниманието е поголемо за Windows 10, поради тоа што ова е првата надградба за системот по истекот на поддршката минатиот месец. 

Иако 14 октомври 2025 година требаше да го означи крајот на Windows 10, поради огромната популарност на системот, Microsoft овој пат дозволи и приватните корисници да можат да се приклучат на програмата за продолжена безбедносна поддршка, односно ESU – Extended Security Updates. 

На Windows 10 надградбата ја носи ознаката „KB5068781“ и истата исправа 63 безбедносни слабости на системот, меѓу кои и една која веќе била искористувана од страна на хакерите. 

Надградбата исто така исправа грешка поради која на корисниците кои се дел од ESU програмата погрешно им се прикажува информацијата дека поддршката за Windows 10 е истечена.

ESU програмата на бизнис корисниците им овозможува до три години продолжување на поддршката, додека во случајот со приватните корисници само една, односно за нив Windows 10 дефинитивно ќе заврши на 14 октомври 2026 година. 

Корисниците можат да платат 30 долари за продолжената поддршка или едноставно да се најават со нивната Microsoft сметка на Windows Update функцијата. Не сум сигурен дали ова ќе функционира на верзиите кои се пиратски, односно активирани на алтернативни начини.