Со претставувањето на Windows 10, Microsoft ја претстави и Windows Insider програмата која им овозможи на корисниците порано да ги инсталираат се’ уште неофицијалните верзии од Windows 10, односно тие кои не се пуштени за сите корисници.

Оваа програма беше поделена прво во два, па потоа во три различни „кругови“ кои пуштаа надградби со различна брзина. Fast кругот добиваше надградби скоро секој ден, додека Slow после одреден период на тестирање на корисниците од Fast кругот. Со тек на време Fast кругот почна да добива и новини кои не се поврзани со наредната верзија од Windows 10, туку функции кои се тестираат и се планираат за некоја верзија во иднина.

Release Preview кругот беше додаден подоцна како „најбезбеден“ и со него корисниците во главно добиваа некои помали надградби кои доаѓаат со наредната верзија, а исто така преку овој круг се пушташе најновата верзија од Windows 10 на неколку недели пред нејзиното пуштање на сите корисници.

Од овој месец, Microsoft ќе го промени пристапот кон Windows Insider и како што истакнуваат, ќе се концентрираат повеќе кон квалитетот на тест надградбите, наместо кон нивната фреквенција како досега.

Со тоа, наместо кругови или прстени, зависно како ги викате вие на македонски, Windows Insider програмата сега ќе има канали. Со тоа оваа програма добива систем кој е користен во повеќе други апликации, па корисниците би требало многу полесно да одлучат кој канал најмногу им одговара на нив.

Три канали ќе бидат достапни и тоа „dev“, „beta“ и “release preview channel“. Соодветно, брзиот круг станува dev канал, бавниот круг станува beta канал и третиот е јасно, односно името не му е променето.

Самите имиња веднаш покажуваат кој канал за што ќе биде наменет, но еве сепак кратко објаснување, а можете да ја погледнете и сликата во продолжение.

Dev каналот е наменет за програмерите и ќе содржи пристап од верзии кои се уште во развој и се најнови. Ова значи и дека може да се очекуваат доста проблеми и багови, а исто така преку овој канал ќе се добиваат верзии кои не се врзани со некоја наредна верзија од Windows 10, односно ќе се тестираат функции кои некогаш ќе станат дел од оперативниот систем.

Beta каналот ќе биде наменет за сите корисници, односно корисниците ќе можат пред време да ја инсталираат наредната верзија од Windows 10 која уште е во развој. Проблеми не би требало да има, но секако се можни, а од Microsoft истакнуваат дека преку овој канал ќе ги прават најважни тестирања за стабилноста на наредната верзија од Windows 10.

Release Preview каналот ќе биде за тие кои сакаат нешто порано да ја инсталираат наредната верзија од Windows 10, кога истата ќе биде во завршна фаза од развојот, односно е на само неколку недели пред официјалното пуштање.

Од Microsoft истакнуваат дека без разлика на каналот, тие ќе гледаат да корисниците добиваат редовни надградби.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаСАД ги „олабави“ дел од мерките за соработка со Huawei
Следна статијаПрв лек кој покажува дејство кај тешко заболените од COVID-19 и ја намалува смртноста кај третина од пациентите
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.