Фото: АЕТМ

Започна петтото јубилејно издание на E-commerce Awards – изборот на најдобрите е-трговци во Македонија за 2025 година. Оваа иницијатива, која од 2020 година се организира од страна на Асоцијацијата за е-трговија, континуирано ја препознава и наградува извонредноста во македонската е-трговија, годинава одбележува значаен јубилеј и потврдувајќи ја својата улога како релевантен показател за квалитет, доверба и развој на овој сектор.

Изборот “E-commerce Awards” претставува значајна манифестација за македонската е-трговија, бидејќи ги препознава и наградува најдобрите практики, иновации и постигнувања во индустријата. Целта на иницијативата е да се поттикне натпреварувачкиот дух, да се промовираат квалитетни решенија и да се придонесе кон континуиран раст и унапредување на е-трговијата во земјата. Изборот се спроведува според темелна методологија, која комбинира гласање од јавноста и оценување од стручна жири-комисија. Изборот за најдобрите во македонската е-трговија претставува признание за посветеноста, иновациите и врвната услуга на е-трговците и воедно ги мотивираат да продолжат со унапредување на своите услуги. 

Во рамки на изданието за 2025 година, најдобрите е-трговци ќе се избираат во 18 категории. Во изминатите изданија, во просек биле номинирани околу 200 е-трговци, кои добивале над 80.000 гласови од публиката, што говори за високиот интерес и довербата во оваа иницијатива.

Фото: АЕТМ

Номинациите за учество се бесплатни и се вршат преку официјалната веб-страница за избор на најдобрите во македонската е-трговија, најдоцна до 15 јануари 2026 година, до крајот на денот, на следниот линк: https://ecommerceawards.mk/formular-za-prijava/.

По завршувањето на рокот за пријавување, АЕТМ ќе ги провери сите номинации и на 22 јануари 2026 година ќе ја објави официјалната листа на прифатени учесници. Потоа следува фазата на јавно гласање до 10 февруари 2026 година, во која публиката има клучна улога во изборот на финалистите. На 10 февруари, најдобро рангираните номинации во секоја категорија продолжуваат во финалниот круг, каде што ќе се оценуваат од стручната жири-комисија. Во периодот од 16 до 24 февруари 2026 година се врши финалната обработка на резултатите, при што гласовите од јавноста учествуваат со 60%, а оценките од жирито со 40% во конечниот резултат. Победниците на E-commerce Awards 2025 ќе бидат официјално прогласени на свечена гала манифестација која традиционално ќе се одржи во март 2026 година. На церемонијата, на најуспешните е-трговци ќе им бидат врачени престижни статуетки, кои претставуваат признание за нивната извонредност и дополнително ја зајакнуваат довербата кај онлајн купувачите.

Бенефитите за номинираните учесници вклучуваат зголемена видливост пред повеќе од 5.000 активни гласачи и широка јавност, видливост пред потенцијални купувачи и професионалци од индустријата, како и опсежна промоција преку комуникациските канали на Асоцијацијата за е-трговија, со проценет досег од над 500.000 луѓе. Номинацијата овозможува и позиционирање во заедницата на успешни е-трговци, можности за вмрежување и препознавање во индустријата, особено за време на свечената гала церемонија, како и зајакнување на довербата кај потрошувачите преку официјалните дигитални беџови што ги добиваат финалистите и победниците.

Повеќе детали за правилата на изборот на E-commerce Awards 2025 се достапни во официјалниот правилник достапен на официјалната веб-страница или преку овој линк.

Инаку, минатогодишното издание на Наградите за е-трговија 2024 заврши со доделување на 43 награди во 23 категории, со повеќе од 200 номинирани е-трговци, каде што гласовите на потрошувачите имаа клучна улога во изборот на победниците. Категоријата „Најпопуларна е-продавница“ беше единствената во која победникот беше избран исклучиво врз основа на гласовите од јавноста, што ја истакна улогата на потрошувачите како клучен фактор во изборот на најдобрите.

Асоцијацијата за е-трговија на Макеоднија и понатаму ќе продолжи да работи на унапредување на секторот, промовирање на дигиталната трансформација и поддршка на е-трговците во нивниот раст и развој.