Иако Firefox логото доби одредено освежување пред некоја година, сепак од Mozilla започнаа потрага по целосно ново лого, а за тоа претставија два концепти со различни правци. Ова беше започнато и објавено минатата година, а сега го добиваме дефинитивниот резултат во форма на логоа за сите посебни сервиси кои се под брендот на Firefox.
Како главна причина за избор на нов „брендинг“ на Firefox се истакнуваат токму новите сервиси кои се под брендот на прелистувачот, па веќе кога ќе се спомене Firefox, не може да се мисли само на интернет прелистувач.

Firefox како бренд добива ново лого кое ќе биде главно за сите сервиси и на ова лого може да се забележи дека ја нема познатата лисица, која ја обвиткува земјата. Логото продолжува да потсетува на старото, меѓутоа сега место лисицата, останата е слична силуета со нови и освежени бои.
Firefox прелистувачот ја задржува лисицата, меѓутоа и тоа е освежено со мала промена во дизајнот, како и боите.
Останатите логоа се за Firefox Send, сервисот за испраќање на датотеки, Firefox Monitor, сервисот за проверка дали вашата имејл адреса е дел од пробиен сервис, како и новиот Firefox Lockwise, додаток за синхронизирање на лозинките на повеќе платформи.
За Mozilla оваа промена го покажува правецот во којшто се движат, па имаат направено не толку кратко видео во кое ги објаснуваат промените, а истото е во продолжение.