Во последниве неколку години сведоци сме на интензивна експанзија на хардверските додадоци за смартфоните, кои овозможуваат користење на истите за интересни и досега необични работи.
Па така, последниот новитет од компанијата Heuristic Labs се однесува на прототип на хардвер наречен LazeeEye, со кој 3D технологијата за скенирање станува достапна за смартфоните. Со оваа технологија всушност се овозможува претворање на самиот смартфон во 3D камера.
Модулот кој Heuristc Labs го промовира, кој е со големина приближна на големината на едно пенкало и истиот е дизајниран да може да работи во комбинација со смартфон. Во моментов е покрената иницијатива за финансирање на Kickstarter платформата, а доколку истата се покаже успешна, цената на овој производ при масовно производство се очекува да биде околу 50$.
Технологијата која стои позади LazeeEye e всушност активна стерео визија, каде (по аналогија од човековата стерео визија) едното “око”е постоечката камера од смартфонот, која пасивно ја апсорбира доаѓачката светлина, додека другото “око”пак активно проектира светлина, која по одбивањето се враќа кон она пасивното.
Со помошта од оваа технологија и дополнително со намески развиен софтвер за стереовизија и алгоритам со кој се одредуваат суштинските карактеристики на самата слика (пиксел по пиксел), се добива слика со висока резолуција во која е вклучена и третата димензија, односно длабочината или дебелината на некој предмет во просторот.
Компанијата за својот производ вели дека она што го прави различен од другите е тоа што истиот е многу помал и поевтин, а ја имаа таа уникатна можност да работи на Android или iOS платформата. Дополнително на ова, интересно е тоа што LazeeEye може да се искористи за генерирање на модели за 3D печатење. Апликацијата овозможува зачувување во неколку отворени формати за податоци како што се STL и PLY.