Не така одамна, корејскиот производител беше еден од првите кои лансираа Windows Phone 7 телефон, но малиот успех на првиот модерен оперативен систем на Microsoft за паметните телефони значеше дека после Optimus 7, LG не лансираа ниту еден друг Windows Phone. Се досега. Новиот модел Lancet во почеток ќе се нуди ексклузивно во Verizon мрежата во САД и е телефон од средната класа.
Големината на екранот на Lancet изнесува 4,5 инчи во дијаметар, со релативно слаба резолуција од 854х480 пиксели, за разлика од конкуренцијата, која веќе стигна до HD резолуцијата во смартфоните од средната класа. Сепак, процесорот е прилично силен со оглед на класата и тоа новиот Snapdragon 410, помогнат од 1 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци, кој може да се прошири со microSDXC картичка. Батеријата има капацитет од 2100 mAh, додека камерите се 8 мегапиксели назад и многу слаба VGA камера напред.
LG Lancet ќе биде опремен со Windows 8.1 Update 2, односно најновата надградба на Windows Phone, а ќе може да се надгради и на Windows 10. Сепак, LG има вградени некои измени во софтверот, преземени од Android серијата, како можноста за отклучување и заклучување со двојно кликање на екранот, сликање селфи фотографии со мафтање на раката, осветлување на селфи фотографии со зголемување на светлината на екранот, како и Quick Memo опцијата. Покрај софтверските подобрувања, LG го нагласува и компактниот дизајн со мала рамка околу екранот, кој неодоливо потсетува на знаменосецот во гамата, G4.
Засега, не ни е позната цената на овој модел, бидејќи се уште и не е официјално претставен, но претпоставуваме дека ќе биде директен конкурент на Microsoft Lumia 640 и 540 моделите, што значи дека не би требал да биде поскап од 200 долари.
Извор: Windows Central