Слабиот успех на Windows Phone отвори простор за многу промени околу стратегијата и политиката на Microsoft поврзана со мобилниот пазар. Windows 10 може да се каже дека е последната надеж на компанијата да сепак биде некаков фактор кај мобилните уреди, а може да се каже дека од оваа гледна точка, тоа не изгледа толку невозможно.
Последните информации кои доаѓаат од Windows Central порталот, укажуваат на нешто што веќе неколку пати можеше да се прочита, а корисници обично оставаат позитивни реакции на истото.
Се работи за информација поврзана со најавите дека Microsoft работи на телефон под брендот на успешната Surface линија на производи. Иако не е официјално потврдено дека ваков телефон е во развој, сите знаци укажуваат на таа можност. Surface телефонот би бил претставен оваа година, а до тогаш остануваат Lumia моделите.
На почетокот од идниот месец, поточно на 1-ви февруари, се очекува претставувањето на Lumia 650, телефон од ниската класа којшто треба да доаѓа со 5 инчен 720p екран, Snapdragon 210, 1GB RAM меморија, 8 GB меморија за складирање.
Според информациите од Windows Central, овој телефон ќе биде последниот Lumia модел којшто Microsoft планира да го претстави.
Ова значи дека Microsoft планира целосно да се тргне од последниот останат знак дека некогаш соработувале, односно ја имаат купено Nokia. Lumia брендот беше развиен од страна на Nokia уште пред купувањето од страна на Microsoft.
Од друга страна, Surface линијата на производи се покажа како навистина успешна, па нејзиното збогатување и со мобилен телефон, може да се покаже исто така успешно.
Сепак, главно за успехот на Windows 10 Mobile, кога веќе гледаме дека Microsoft нема да оди со политиката на Apple, односно не лиценцирање на оперативниот систем, е бројот на уреди претставени од другите производители.
На CES 2016 можевме да видиме дека производителите му даваат шанса на новиот систем, па оваа година ќе биде можеби и клучна, а ќе можеме да добиеме доволно добра слика за тоа што може да се очекува.
Извор: Windows Central, The Verge, Ubergizmo
Фото: Windows Central