blackberry_classic-930x551

Полека, но сигурно завршува ерата на Blackberry телефоните (како досега да не беше завршена) – нивниот класичен модел “Classic”, со хардверска тастатура во долниот дел и „коцка“ дисплеј во горниот ќе престане да се произведува.

Дизајнот кој буквално ја почна смартфон револуцијата и беше неизбежен кај бизнис купувачите минативе 10-тина години, конечно го доживува својот крај. Blackberry Classic се обиде да им даде класично смартфон искуство на оние кои сѐ уште не се убедени од големите дисплеи и софтверските тастатури, но малите продажни бројки, наспроти моќната iOS и Android конкуренција, беа доволни канадската компанија конечно да го тргне моделот од пазарот.

Интересно, корисниците на овие телефони, кои се опремени со Blackberry 10 оперативен систем, ќе продолжат да добиваат надградби оваа и наредната година. Ова е нешто што отсекогаш го красеше Blackberry – поддршката и грижата кон корисниците. Дали тоа ќе го префрлат во Android телефоните кои ги планираат, вклучувајќи го и релативно неуспешниот Priv? Според тоа што користи чиста Android верзија, многу веројатно.

Исто така, иако Blackberry вети дека нема да се откаже од Blackberry 10 OS, тоа не значи дека ќе лансираат нов модел со овој оперативен систем. Според развојот на настаните, тие иднината дефинитивно ја гледаат во Android оперативниот систем и одличните сервиси за email и chat, кои се познати по одличната заштита на личните податоци.

Blackberry во портфолиото има уште неколку модели со нивниот оперативен систем – Q10, Z10, Z30 и Passport, кои иако не е потврдено, очекувам да престанат да се произведуваат наскоро, исто како и моделот Classic.

Извор: PC Mag, Venture Beat, TechCrunch

Претходна статијаSamsung планира таблет кој ќе се преклопува како книга
Следна статијаKineti е модерна клуб маса со вграден Windows 10 компјутер на допир