samsung-galaxy-a9

Последниве неколку години огромните телефони се дефинитивно мега популарни, па производителите почнаа и уредите од средните, па дури и пониските класи, да ги прават со големи екрани, а со цел да им бидат подостапни на купувачите со поплиток џеб. Еден од нив ќе биде и новиот Galaxy A9, кој опасно навлегува во таблет територијата, а е сместен едно ниво подолу од Galaxy Note серијата.

Според првите информации, екранот има големина од 6 инчи, што е веројатно на границата на корисното. Како и сите други Galaxy модели од средната класа нагоре и овој ќе има AMOLED екран, овој пат со резолуција од 1920х1080 пиксели, што е послабо од Galaxy Note 5, но веројатно и натаму доволно за остра слика.

Во внатрешноста ќе бие срцето на Snapdragon 620 чипот со осум јадра, од кои 4 помоќни кои работат на 1.8 Ghz и Adreno 510 графика. Процесорот би требало без проблем да се справува со новиот Android Lollipop (ќе добие надградба за Marshmallow), но не очекувајте графички перформанси на нивото на процесорите од највисоките класи. Во Galaxy A9 ќе биде помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци. Камерите ќе имаат 13 напред, односно 8 мегапиксели назад, а предната ќе има f1.9 бленда и оптичка стабилизација, додека на хардверското копче напред ќе биде вграден и читач за отпечатоци на прстите.

Големото тело на Galaxy A9 веројатно ќе биде изработено слично како Galaxy Note 5 – од алуминиум и стакло, а во него ќе носи и масивна батерија од 4000 mAh, која би требало да може да издржи прилично долго време со едно полнење.

Официјално, Samsung Galaxy A9 се очекува да биде претставен на CES во Лас Вегас на почетокот од наредната година, односно од 6-9 Јануари, информација која ја потврдува одобрението од FCC (Federal Communications Commission) за телефонот.

Извор: TechRadar, Tech Times, Ubergizmo

Претходна статијаFacebook им нуди на вработените 10.000 долари за да се преселат во радиус од 16 км
Следна статијаGalaxy Note 5 добива “Winter” едиција со 128 GB простор