TouchWiz скинот на Samsung донесува многу функционалности, но да бидеме реални, со сите силни бои, контраст и сенки, изгледа како цртан филм. Сепак, со надградбата на Android 6.0 Marshmallow, оперативниот систем сега ќе изгледа многу поминималистички, односно многу поблиску до она како Google го замислува Android, што мислам дека особено добро прилега на дизајнот на новите Galaxy телефони.
На сликите протечени од кинескиот Weibo, може да се види како изгледа нефиналната, односно бета верзија на TouchWiz над новиот Android 6.0. Уште веднаш се забележува дека нема сенки под иконите, а и употребените бои не се толку силни и воочливи, што е многу слично на “Material” дизајнот на Google кој беше претставен со Android Lollipop.
Секако, ќе има и корисници кои ќе го преферираат стариот, супер обоен дизајн, но ваквиот дизајн дефинитивно подобро личи на Galaxy S6 и другите телефони од новата серија, кои се изработени исклучиво од метал и стакло.
Надградбата на Android 6.0 Marshmallow за Galaxy серијата би требала да се случи многу брзо, но неа први ќе ја добијат новите Galaxy Note 5 и Galaxy S6 Edge Plus, а потоа и за Galaxy S6.
Надградбата ќе биде достапна и за Galaxy Note 4 и Galaxy S5, каде ќе донесе неколку нови функционалности кои веќе ги има во поновите модели, како на пример можноста да се пишува со дигиталното пенкалце на исклучен екран кај Note 4, а преземена од Note 5.
Извор: TechnoBuffalo, Ubergizmo, Tech Times