ultrastar-he10-image-640x455

SSD дисковите можеби се најчесто на насловните страници последниве неколку години, но тоа не значи дека во HDD технологијата нема уште живот. Напротив, побарувачката е многу голема, особено кај компаниите, а со цел користење во големите сервери.

Како што секој барем малку навлезен во технологијата знае, хард дисковите се особено поволни за впишување многу податоци – имаат неколку пати поголем капацитет од SSD дисковите за иста цена. Сепак, главен недостаток на хард дисковите наменети за серверите е што се многу бавни – SMR технологијата (Shingled Magnetic Recording) на која се базираат овозможува многу голем капацитет до 10 TB, но со многу мали брзини на впишување и вчитување, побавни дури и од дисковите со 7200 rpm наменети за широките маси.

Новиот диск на Western Digital за кој ќе пишуваме тука не ја користи таа технологија, туку стандардната PMR (Perpendicular Magnetic Recording). Ова е истата технологија која се користи во дисковите кои ги имате во вашиот компјутер и овозможува многу поголеми брзини. Сепак, досега никој не успеа да направи хард диск со голем капацитет со оваа технологија, па затоа и овој уред на Western Digital претставува особен успех.

Но, сигурно ќе се запрашате, зошто е наполнет со хелиум? Хелиумот е за 6 пати поредок од воздухот, што придонесува за многу помали отпори во самиот диск, особено за моторот. Ова овозможува уште поголеми брзини, бидејќи моторот нема да биде толку оптоварен, но и подолг век на траење на целиот диск и намалување на потрошувачката на енергија, што е од особена важност кога овие дискови се користат во големите сервери.

Покрај големата густина на податоците на дискот, He10 има и исклучително голема кеш меморија од 256 MB, можност за поврзување со SATA 6.0 GB/s и SAS 12 GB/s интерфејс, како и вградена енкрипција на податоците.

Цената на новиот мегадиск на Western Digital се уште не е објавена, но не очекувајте да биде пониска од 800 долари.

Извор: ARSTechnica, TechGage

Претходна статијаSamsung ја претстави втората генерација од Galaxy A серијата
Следна статијаFuturama се враќа како игра за мобилните