Apple воведе модификации во сервисот за cloud складирање iCloud што сега ги спречува хакерските обиди за крадење на резервни копии на податоци од iOS уреди зачувани во cloud преку добивање на корисничката лозинка. Секако за да се спречи крадењето податоци неопходно е корисниците да ја вклучат оваа дво-факторска автентикација. Од оние кои ќе ја овозможат новата мерка на безбедност ќе биде побарано да го верифицираат својот идентитет преку секундарен уред при логирањето на iCloud.com.
iCloud до сега не вклучуваше дво-факторска автентикација за да ги заштити резервните копии и Find My iPhone сервисот. Ова значи дека доколку некој ја има вашата лозинка или е во состојба да ја ресетира, ќе може да ги преземе вашите податоци со користење на алатка како Elcomsoft Phone Password Breaker и ќе има пристап до се што сте зачувале во cloud. Најверојатно тоа е методот со кој беа украдени лични фотографии од многу познати личности, а потоа беа објавени online. Сега со дво-факторската автентикација за некој да може да пристапи до резервните копии на податоци ќе мора да има пристап и до вашиот уред од доверба за да може да го генерира кодот од 4 цифри.
Откако идентитетот на корисникот е потврден, сите iCloud податоци ќе бидат достапни се додека корисникот се одјави или го затвори прозорецот на пребарувачот.
Другата новина која ја подобрува безбедноста е што Apple вклучи нотификации кои корисниците ќе ги добијат кога некој ќе пристапи до нивната сметка.
По неодамнешниот хакирачки инцидент, Tim Cook вети подобрување на iCloud безбедноста со проширување на дво-факторската автентикација за iCloud. Првично дво-факторската верификација беше имплементирана како опциона во Март 2013 за да се зголеми безбедноста на Apple ID сметките на новите уреди при купување.
Apple ја тестираше дво-факторската автентикација за iCloud во Јуни оваа година, но функцијата не беше имплементирана се до вчера.
Вчера вечер Apple испрати email до сите Apple ID сметки за да ги информира корисниците за настанатите промени. Исто така Apple ги информира корисниците дека од 1-ви Октомври неопходни ќе бидат лозинки специфични за секоја апликација која не ја поддржува дво-факторската автентикација за да пристапи до iCloud.
Извор: Appleinsider