Во периодот што следи Facebook ќе воведе промени во стандардните прилагодувања за приватност кои што важат за споделување на содржината. Главната промена се однесува за новите корисници, за кои што објавите стандардно ќе бидат споделени со нивните пријатели, наместо јавно како што тоа беше досега. При првото објавување новите корисници ќе бидат потсетени преку посебен прозор да изберат со кого сакаат нивната содржина да биде споделена, а доколку не изберат ништо истата ќе биде споделена со нивните пријатели.
Оваа мерка Facebook ја воведува со цел да го намали бројот на несакани споделувања, односно споделувања со поширока јавност од таа што корисникот би сакал и мислел дека споделува.
За постојните корисници на оваа мрежа, Facebook во периодот што следи ќе почне да им дава на корисниците повторно да изберат со кого сакаат да ги споделуваат работите, односно да проверат како моментално се наместени тие прилагодувања. Исто така корисниците ќе бидат потсетени да ги проверат и апликациите кои што имаат дозвола да пристапуваат до нивната сметка. Проверката ќе им биде овозможена на сите преку посебна алатка наречена Privacy checkup tool, односно Алатка за проверка на приватноста.
Исто така корисниците кои што ја споделуваат својата содржина јавно, за истото ќе бидат прашувани дали тоа нарочно го прават, со што ќе се спречат или барем намалат несаканите јавни објави. На мобилните апликации менито за избор на публиката ќе биде поставено на горниот дел каде што треба да биде поочигледно и достапно за корисниците.
Покрај овие промени, од Facebook најавија постепено вклучување на претходно преставената нова можност за најавување на корисниците со нивната сметка анонимно, со што ќе имаат можност да тестираат некој сервис пред официјално да се најават со сите нивни информации. Промена ќе биде воведена и во страната на веб каде што се достапни сите апликации и страни кои што имаат пристап до вашата Facebook сметка.
Извор: Facebook