„Наместо да напаѓаат успешни американски компании, лидерите во Европа треба да се запрашаат зошто нивниот континент не „роди“ еден Google или Facebook.“ – The Economist, Nov. 29-Dec. 5, 2014
Google се смета за de facto монопол со оглед на тоа дека цели 90% од пребарувањата на интернет во Европа поминуваат преку неговиот пребарувач (оттука, и во резолуцијата на ЕУ се споменува терминот „чувар на портите“). Она што е интересно (и ретко) е што истовремено мнозинството експерти и интелектуалци кои коментираат на оваа тема се сложуваат дека ова не е нималку лоша состојба. На пример, ко-основачот на PayPal (и либертаријанец), Peter Thiel вели дека токму големината на Google и овозможува денеска да биде повеќе од компанија, вклучувајќи и да инвестира во кадрова политика „со цел да обезбеди дека секој Googler ќе биде среќен во сите аспекти во неговиот живот“ (и најверојатно успева: 8 пати најдобар работодавач, во свет!). Без разлика на користа која ја имаме од позицијата на Google, поважно е што оваа компанија е таму каде што е како резултат на секојдневните слободни одлуки на потрошувачите од целиот свет. Колкав и да е процентот од пребарувањата на Интернет, истиот е само резултат на изборот кој го правиме. Зошто некој би бил казнет и малтретиран за ова?!
Сепак, останува прашањето: ако сите имаме корист од Google, сепак зарем не треба да се заштитат граѓаните од злоупотреба на неговата de facto монополска позиција?! Да, треба. Релевантното прашање е како и од кој.
Пред да одговорам на прашањето, мора да разбереме дека не е баш најсоодветно Google да се нарекува монопол без разлика што цели 90% од сите пребарување на Интернет во Европа поминуваат преку Google (на глобално ниво Google има 67% од глобалниот пазар на пребарување; помалку од 3% од глобалниот пазар за рекламирање; и помалку од 0.24% од глобалниот пазар за технологија). Неговата моментална позиција на пазарот не е никаква гаранција за иднината на Google, ниту пак клучен фактор кој одлучува дали имаме монопол или не.
Во својот есеј Common fallacies about capitalism, Nathaniel Branden, објаснува дека кога зборуваат луѓето за монополи всушност мислат на:
монопол воспоставен со сила, т.е. ексклузивна контрола на одреден сектор на производство кој е затворен за останатите конкуренти, со што монополистот може да воспостави производствени политики и да наплаќа арбитрерни цени, независно од условите на пазарот и барањата на потрошувачите, имун од законите на побарувачката и понудата. Важно е да се истакне, таков монопол не изискува недостиг на конкуренција, туку невозможност за натпревар.
Со други зборови, монополот е штетен кога е воспоставен насилно, со акт на Државата, давајќи ексклузивитет на една фирма да снабдува одредена услуга, оневозможувајќи било кој друг да влезе на пазарот. Едноставно, не е дозволено никој да се натпреварува со монополистот, со што му се овозможува наместо да ги следи интересите на потрошувачите, моќ да ги принудува тие да се прилагодуваат на неговите потреби. Со други зборови, перверзија на пазарната логика!
Ситуацијата со Google е сосема поинаква. Како што веќе објаснив, неговата пазарна позиција е достигната со нудење супериорен производ на сите нас, а не со акт на државата. Дополнително, никој не ги оневозможува (бариерите за влез на дигиталниот глобален пазар скоро се непостоечки) другите компании да се натреваруваат со Google! Во овој момент само има над 100 интернет пребарувачи на глобално ниво (со што Google може да го смените со друг пребарувач со еден клик), а многу повеќе конкуренти во бизнисот со дигитални реклами, вклучуајќи ги и Microsoft, Facebook, Yahoo и други гиганти.
Всушност убавината на слободниот пазар се состои токму во оваа слобода за мирољубив економски натпревар. Конкуренцијата е процес без крај и е важно да остане слободен, претприемачите и фирмите да се натпреваруваат нудејќи квалитет и/или конкурентни цени, без вештачки бариери и непотребни вмешувања од Државата и политичарите. Во вакви услови, компаниите како Google можат да останат на врвот само доколку постојано го подобруваат квалитетот и ја намалуваат цената на своите производи и услуги. Во моментот кога ќе се обидат да ја злоупотребат својата позиција, важно е да постои економска слобода потрошувачите да ги казнат преорентирајќи се кон конкурентите или пак целосно да се откажат од услугата.
Слободниот пазар, а не политичарите и Државата, е оној механизам кој стои позади константниот прогрес, иновативноста и дисциплинирањето на фирмите, дури и оние доминантните како Google. Политичките акти се непотребни и претставуваат акт на сила која нема место на слободниот пазар, и често не им помагаат на потрошувачите. Напротив.
Во својата извонредна студија, проф, Dominick Armentano внимателно анализира 55 најпознати антимонопоски случаи во историјата на САД и ќе донесе заклучок дека „во секој анализиран случај обвинетите фирми беа „виновни“ за пад на цените, зголемено производство и иновации кои водеа кон енормен бенефит за потрошувачите.“ Google не е исклучок.
Подетална анализа на оваа тема може да прочитате во The Economist.