Киану Ривс е еден од најпосветените глумци во Холивуд. И еден од најдарежливите и благодарни, и генерално добар човек. Кога ќе помислам на старата школа на глумци што се уште газат, Киану Ривс е меѓу првите на листата, заедно со Том Круз (кој е посебна приказна во однос на посветеноста и пожртвуваноста да создава возбудливи филмови).

Кариерата на Ривс стагнираше пред првиот Џон Вик. Немаше блокбастери ниту пак добри улоги за него. Сето тоа се смени со Вик. Филмот му трасираше сосема нова патека во неговата кариера. Се врати на акционите филмови. Не само што се врати, тој практично сега е најпознат по улогите на Нео во Матрикс (сосема разбирливо) и на Џон Вик. Кога ќе погледнете како тој се спрема за улогата на добродушниот асасин, ќе ви стане јасно зошто е толку добар во оваа улога.

Никој не очекуваше Џон Вик да стане она што е денес. Публиката очекуваше уште еден акциски филм од Б категорија. Наместо тоа, филмот заработи култен статус помеѓу фановите, со интересната приказна, совршената и соодветна глума на Ривс, и перфектно координираните сцени со акција. Вториот го продолжи она што првиот го почна и го зацементира овој серијал како еден од најдобрите акциони серијали кои се во игра во моментов.

Џон Вик 3 не губи време за да почне со акцијата. Една од првите сцени се одвива во јавна библиотека во Њујорк, каде што Вик е во потрага по специфична книга во која се наоѓаат работи што му се неопходни за да излезе од кашата во која се наоѓа. Од никаде се појавува ликот кој го глуми српскиот НБА кошаркар Бобан Марјановиќ. Џон Вик е баран човек. Оној што ќе успее да го убие, добива награда од 14 милиони долари. Но, да се убие Вик е екстремно тешка задача. Речиси невозможна. Марјановиќ (односно Ернест), си го добива своето од Вик. По крајот на нивната борба, Вик ја враќа книгата што ја извади на своето место.

Тоа добро го сумира неговиот лик. Иако е трениран убиец кој речиси цел живот го поминува во хаос, има почит за правила и сака да го почитува редот на работите.

Кога ќе почне со акцијата, Вик 3 не запира со возбудата. Сцена по сцена Вик се соочува со различни опасности во различни делови од светот. Кога се случува филм вака да реди сцена по акциона сцена, постои ризик од здосадување. Не и во овој случај. Различните оружја и начини на кои Џон ги убива своите непријатели, интересните локации и ликовите со кои што се бори тој, носат свежина во филмот.

Џон Вик ликот не може да биде победен. Ако продолжи вака, и филмскиот серијал нема да може да биде.

Претходна статијаМакедонија со два бронзени медали на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Баку, Азербејџан
Следна статијаSamsung го претстави првиот на пазарот сензор за камера на мобилните со 108 мегапиксели