Во една прилика се осврнавме на крстоносната војна која американските разузунавачки служби ја водат против енкрипцијата, а следствено на тоа, и против компаниите кои користат енкрипција во своите уреди и услуги кои ги нудат на корисниците. На американско тло предводник на оваа војна е Џејмс Корни, директорот на ФБИ. Сепак, неговиот пандан од Велика Британија, Роберт Ханиган, новиот директор на британската разузнавачка служба GCHQ (еквивалент на НСА), делува како негов клон, судејќи според некои негови изјави. Имено, во напис објавен во Financial Times, Ханиган ги нарече технолошките компании „соработници со непријателот“.
Ханиган смета дека технолошките компании се „во одрекување“ во однос на дебатата околу националната безбедност “Колку и да не им се допаѓа тоа, тие станаа командни контроли на терористи и криминалци, кои ги сметаат нивните услуги за полезни“. Оригинално размислување, барем тоа можеме да го признаеме. Според него, приватноста не е „апсолутно право“, па така тој смета дека сите треба да се откажеме од приватноста која се повеќе ја уживаме на интернет, од причина што само така ќе помогнеме во зачувувањето на безбедноста на граѓаните.
Да се сведе Интернетот, кој е алатка за иновирање која од срж го трансформираше начинот на кој учиме, комуницираме и се развиваме на професионално и лично поле, на една обична „мрежа за терористи“ е небулозно, и обид да се внесе страв од терор, кој инаку разузнавачките служби се неспособни да го спречат.
Ерик Кинг, заменик директор на Privacy International, аргументирано ги поби овие изјави на Ханиган, велејќи дека “Пред да ги осудува напорите на компаниите да ја заштитат приватноста на нивните корисници, можеби тој треба повеќе да размисли за тоа зошто има толку многу критики упатени кон GCHQ по откритијата на Сноуден. Валканите игри на GCHQ – принудување на компаниите да ги предадат податоците за своите корисници со тајни наредби, прислушување на приватните оптички кабли на истите тие компании – ја поништија довербата на јавноста во GCHQ, како и во компаниите чии услуги ги користиме. Роберт Ханиган е во право, GCHQ треба да влезе во јавната дебата околу приватноста – но напаѓањето на интернетот не е вистинскиот начин на кој треба тоа да го стори“.
Логиката на Ханиган се сведува на следното „ терористите се лоши > терористите користат интернет > што значи дека интернетот мора да е лош исто така“, и дека треба да сме среќни што агенција како GCHQ е тука за да ги заштити граѓаните од „лошите момци“.
Разузнавачките служби стануваат многу досадни со ваквата реторика со која само се срамат пред пошироката јавност. Време е да станат свесни за тоа и да и да ја остават дигиталната заедница да се развива како што впрочем се развива, органски, под влијание на дигиталната пазарна економија, без нивните „добронамерни сугестии“ со кои само ни ги ограничуваат, а не зајакнуваат, нашите граѓански и политички права.