Минатата недела пишував за напорите на Европската Унија драстично да го заузда влијанието на Гугл во европската интернет сфера. Како дел од овие напори, пред неколку дена Европскиот Парламент позитивно изгласа предлог со цел да ја поттикне Европската Комисија да ја намали пазарната доминантност на Гугл ширум Европа, со тоа што ќе го примора технолошкиот гигант да го одвои својот интернет пребарувач од останатите свои комерцијални услуги.
Како дополнение на ова, надзорното тело за приватност (Article 29 Working Party) на Европската Унија изработи збир на препораки со цел да му „помогне“ на Гугл правилно да ја спроведува пресудата од Европскиот суд на правдата, според која европските граѓани имаат право да побараат од интернет пребарувачите отстранување на лични информации кои се “несоодветни, застарени и ирелевантни”. Во согласност со овие препораки, правото „да бидеш заборавен“, со кое Гугл е обврзан да ги отстранува податоците за европските граѓани, треба да се применува и на американскиот домејн на ИТ гигантот (google.com). Причината за ова е тоа што надзорното тело на ЕУ смета дека податоците кои се отстранети од европските домејни, сепак лесно можат да бидат пронајдени на американските, што ја прави излишна самата цел на ова право.
Да речеме дека граѓанин на Франција сторил нешто што нему му предизвикува голем срам (на пример, трчал гол сред улица), и за истото постои видео запис кој бил прикачен на YouTube. Како резултат на правото „да бидеш заборавен“, тој/таа може да побара истиот запис да биде отстранет од францускиот домејн на Гугл (google.fr). Сепак, поистрајните лица ќе можат да го пронајдат тој запис на американските сервери на технолошката компанија (google.com), а срамот на францускиот граѓанин ќе остане јавен. Ова е апсурден пример (дали лице кое се решило да трча голо на улица воошто може да почуствува срам?), но веќе предупредив за посериозните последици од ова право и како авторитарни политичари, или лица кои вршат јавна функција би можеле да побараат отстранување на критики кон нивната работа. На овој начин, ова право ќе се претвори во алатка за цензура, наместо алатка за заштита на приватноста.
Според најновиот извештај за транспарентност објавен од страна на Гугл, компанијата отстранила 41,5 проценти или 208.520 врски од вкупно 502.977 врски што Гугл ги евалуирал во согласност со пресудата на Европскиот суд од мај годинава. Досега пак, според горенаведениот извештај, Гугл добил вкупно 174.226 барања за отстранување на податоци од граѓани на европски земји. Ова се сериозни бројки и тешко е да се поверува дека сите од овие врски содржеле информации кои бил „застарени“ и „ирелевантни“ за јавниот интерес.
Овој сет на препораки, иако необврзувачки, е уште еден напад врз ИТ гигантот, кој се соочува со различни истраги врз своите политики на делување и дополнително е вовлечен во четири-годишна антимонополска истрага спроведувана од ЕУ. Интересно ќе биде да се следи оваа борба помеѓу ЕУ и Гугл и кои ќе бидат последиците од истата.