
Веќе редовно на Смартпортал се осврнуваме на се посилниот европски антагонизам насочен кон Гугл. Ваквиот пристап на европските политичари е главната причина поради огромниот јаз кој во моментов постои во претприемничкиот ИТ сектор помеѓу САД и ЕУ. ЕУ се обидува да го надополни овој јаз преку вештачки поттикнувања на конкуренцијата во дигиталниот пазар и интернет економија, преку политички лобирања и притисоци од големи европски компании кои се чувствуваат загрозени од иновативноста на Гугл. Поради тоа, ИТ гигантот се соочува со огромни парични казни, поделба на својот бизнис и неможност да ги рекламира сопствените услуги, „на сметка“ на туѓите, се со цел да се заузда неговата доминантност на пазарот на интернет пребарувачи.
Негативните последици за потрошувачите се непостоечки од работењето на Гугл, а токму тоа е реториката на европските законодавци кога ги оправдуваат нивните политики пред јавноста. Гугл пак, нема вистински конкурент во Европа, чие постоење би ни помогнало да ја измериме штетата која доминантноста на ИТ гигантот ја нанесува на другите компании кои работат во истиот сектор. Аргументот дека моќта која ја ужива Гугл го оневозможува непречениот влез на нови конкуренти на пазарот на интернет пребарувачи е до некаде валиден.
Сепак, како што беше посочено во еден претходен пост објавен на Смартпортал, корисниците лесно можат да препознаат кога некоја компанија е поквалитетна и реагираат на тоа со преселување кон услугите на тие нови конкуренти, доколку навистина се поквалитетни од нивниот претходен избор. Впрочем, пред да го користевме Google, го користевме Yahoo; пред да го користевме Facebook, ги користевме MySpace и MSN Messenger.
Шпанската влада не научи ништо од германскиот пример
Доколку корисниците на Гугл не се на никој начин оштетени од неговата дејност, шпанските интернет корисници се првите кои реално ќе ја почуствуваат штетата од поразителната политика на нивната влада. Почнувајќи од 1 Јануари, 2015 година, во сила стапува законот според кој онлајн агрегаторите на вести (во наши рамки тоа би бил time.mk) ќе бидат приморани да плаќаат давачки за секое прикажување и на најмали исечоци од написи и линкови до написи кои се во сопственост на шпанските издавачи. Овој закон е очигледно насочен кон Гугл (популарно е наречен како „Гугл данок“).
Одговорот на ИТ гигантот беше очекуван: тие изјавија дека почнувајќи од 16 декември, Google News се повлекува од Шпанија и повеќе нема да прикажува содржини од шпански компании. Ричард Гинграс, човекот задолжен за раководење на Google News, се осврна на причините позади овој потег:
„Дозволете ми да објаснам зошто. Овој нов закон му наложува на секој шпански издавач да наплаќа за услуги како Google News за прикажување дури и на најмалите фрагменти од нивните публикации, без разлика дали тие тоа го сакаат или не. Со оглед на тоа што Google News сам по себе не прави пари (ние не прикажуваме никакви реклами на нашиот сајт) овој приод едноставно не е одржлив. Поради тоа, со голема тага ве известуваме дека на 16 Декември (пред новиот закон да стапи во сила во Јануари), ние ќе ги отстраниме шпанските издавачи од Google News и ќе го затвориме Google News во Шпанија.“
Причината поради која сметам дека потегот на Гугл е предвидлив е сличното искуство кое ИТ гигантот претходно го имаше со германските издавачи. Имено, после донесувањето на сличниот закон кој порано годинава стапи во сила во Германија, Гугл престана да линкува до содржини кои припаѓаат на германските издавачки компании. Наместо тоа да им донесе профит, како што тие очекуваа, ова предизвика сериозни финансиски загуби на нивните бизниси и драстичен пад на читаноста на германските издавачи. Тоа нив ги примора да се предомислат, и сепак да му дозволат на Гугл бесплатно да прикажува исечоци (snippets) од нивните написи.
Шпанското здружението на издавачи на весници веќе се огласи по најновите вести дека Google News се повлекува од Шпанија. Тие упатија повик до шпанската влада да преземе мерки со кои ќе го спречи повлекувањето на Google News од Шпанија. Тие сметаат дека нивното повлекување од онлајн просторот „несомнено ќе предизвика штетни последици кон граѓаните и шпанските бизниси“. Нивниот повик сепак доаѓа предоцна. Се поставува прашањето каде беа тие кога се носеше овој закон, чии последици беа лесно предвидливи?
Загрижува тоа што донесувањето на ваквите закони се шири како вирус низ европските земји (претходно Белгија има воведено сличен закон), под изговор дека на тој начин се штитат интелектуалните права. Европскиот Комесар за дигитална економија пак, Гунтер Етингер, повика на донесување на слични закони ширум цела Европа.
Се движиме кон информациски мрак
Се чини дека нема победници од ваквите кратковидни политички потези: на корисниците им се ограничува пристапот до информации онлајн, издавачите и онлајн весниците се соочуваат со пад на нивната читаност, а политичарите се стекнуваат со репутација на казнувачи на квалитет. Кога Гугл, Твитер или други популарни ИТ компании ги линкуваат нашите содржини, тие не ни одмагаат, туку не популаризираат, не прават почитани, порелевантни. Германските издавачи се првите кои го воочија тој факт. Шпанските по се изгледа ќе треба да го изодат истиот пат, за да се вразумат и да го воочат истото. Да се надеваме дека останатите земји нема да го следат нивниот пример.