Успехот на iPhone го вивна Apple во височините, но сега производителот се соочува со пад на продажбата и следствено на тоа на вредноста на акциите. Затоа, тие ќе влезат во автомобилската индустрија со свој, сопствен автомобил, а шеф на таа дивизија ќе биде досегашниот Извршен Директор на дивизијата за Mac и iPad, Боб Мансфилд.
Оваа информација засега не е потврдена од Apple, ниту од Боб, но веќе и не е тајна дека Apple сака да влезе во автомобилската индустрија. Причината е едноставна – и покрај тоа што кај автомобилите профитите се помали отколку во електронската индустрија, компаниите тука се многу постабилни и издржуваат на пазарот многу подолго.
На пример, еден Mercedes-Benz постои повеќе од 100 години и тоа исклучително успешно, додека IBM на пример, кој беше гигант во 80-тите и 90-тите години од минатиот век, денес веќе не е компанија со толку голем респект во сферата. Затоа, влезот во автомобилската индустрија ќе му овозможи на Apple подолго останување на пазарот, особено во ерата по падот на iPhone (веројатно не мислевте дека iPhone ќе биде засекогаш успешен, нели?).
Секако, сето ова звучи лесно да се каже, но производството на автомобил е и тоа како сериозна работа – многу посериозна отколку производство на парче електроника. Исто така, конкуренцијата тука е многу поголема и веќе спремна – скоро секој производител има во план неколку возила со алтернативен погон, било дали е тоа на струја или водород, а Tesla како пионер, сигурно ќе биде трн во окото на Apple за осовојување на светскиот пазар на автомобили. Apple инаку планира електричен автомобил (нормално), проект кој во моментов се вика Project Titan.
Повеќе информации за автомобилот ќе дознаеме веројатно наредниве неколку години, но моја претпоставка е дека ќе се работи за премиум модел со карактеристичен дизајн, кој ќе има особен акцент на високата технологија во ентериерот, но и на автономното возење и леснотијата во управувањето – карактеристика по која се познати скоро сите други производи на Apple досега.
Извор: Engadget, CNET, TechCrunch