Windows_Product_Family_9-30-Event-741x416

Информацијата која што беше објавена од страна на Terry Myerson оваа недела ги изненади повеќето. Тој најавувајќи ја достапноста на Windows 10 порано од очекуваното, односно за ова лето, информира дека сите корисници на Windows 7 и понов, па дури и корисниците на пиратска верзија, ќе добијат бесплатна надградба на најновиот оперативен систем.

Надградбата ќе биде достапна за корисниците од целиот свет. Меѓутоа по оваа најава многу прашања останаа неодговорени. Посебно се постави прашањето која би била мотивацијата на корисниците да платат за Windows, кога тие ќе ја имаат можноста да инсталираат „бесплатна“ пиратска верзија од Windows 7 или Windows 8.1, па истата да ја надградат на Windows 10 кога ќе биде достапна.

Сепак, работите нема да бидат баш како што звучеа и изгледаа на прв поглед. Од компанијата до некаде го појаснија делот за пиратските верзии, па сега имаме подобра претстава што може да се очекува.

Доколку користите верзија од Windows која што е пиратска, односно неоригинална, по надградбата на Windows 10, оперативниот систем ќе го задржи тој статус. Тоа значи дека надградбата ќе биде неофицијална, корисниците нема да станат легални корисници, а со тоа нема да им следува поддршка. Од компанијата исто така истакнуваат дека пиратските верзии се сметаат за понесигурни и повеќе подложни на малициозен софтвер и загрозување на приватноста.

Отсекогаш сме биле посветени кон осигурување дека корисниците го имаат најдоброто можно Windows искуство. Со Windows 10, иако неоригиналните компјутери можат да бидат надградени на Windows 10, надградбата нема да ја смени оригиналната состојба на лиценцата. Неоригинален Windows не се издава од Microsoft. Тој не е соодветно лиценциран или поддржан од Microsoft или од доверливите партнери. Ако уред се сметал за неоригинален или погрешно лиценциран пред надградбата, тој ќе продолжи да се смета за неоригинален или погрешно лиценциран и потоа. Според експертите во индустријата, користењето на пиратски софтвер, вклучувајќи и неоригинален Windows, резултира со повисок ризик од малициозен софтвер, измами, јавно изложување на личните информации, како и повисок ризик за послаби перформанси или проблеми со функциите.

На кој начин корисниците ќе можат да продолжат да го користат оперативниот систем по надградбата не е објаснето. Доколку истата биде означена како неоригинална, дали може да се очекува дека ќе биде ограничена на некој начин, како и дали корисниците ќе ги добиваат потсетувањата дека користат пиратска верзија.

Можеби објавувањето на оваа информација испадна дека е маркетингшки потег кој што не бил баш до крај размислен или предвреме објавен од страна на Terry Myerson.

Како и да е, ако не друго, корисниците ќе имаат можност да го пробаат новиот оперативен систем, по што ќе можат полесно да се одлучат дали би сакале да го купат. Тоа сигурно би било случајот со повеќе корисници доколку Windows стане достапен со претплата, со што цената би била пониска, барем на краток рок.

Извор: PCMag, ZDNet, The Verge

Претходна статијаВашите музички фајлови од OneDrive автоматски достапни во Xbox Music
Следна статијаMicrosoft ја претстави најевтината Lumia 430 која чини само 70 долари
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.