Досега, нашата интеракција со вештачката интелигенција главно се сведуваше на дијалог: прашуваш, добиваш одговор, па самиот го копираш тој одговор таму каде што ти треба или ја извршуваш активноста. Но, со најавата на Cowork, Anthropic прави решителен чекор кон иднината каде AI не е само соговорник, туку вистински асистент кој „ги засукува ракавите“.
Во основа, ова е одличен начин на имплементирање и брендирање на ВИ агентите од страна на Anthropic.
Накратко, Cowork е верзија на моќниот алатка Claude Code, но прилагодена за сите нас кои не пишуваме код секојдневно. Наместо да му објаснувате на моделот што сакате да направите со вашите документи, на пример, вие едноставно му давате пристап до одредена папка на вашиот компјутер. Оттука, Claude презема иницијатива:
- Ги чита постоечките фајлови.
- Создава нови документи или табели.
- Ги менува и организира податоците според вашите инструкции.
Замислете сценарио каде имате хаотична папка со слики од екранот и белешки од состаноци. Наместо рачно да ги прегледувате, му велите на Cowork: „Направи ми прегледна Excel табела од овие информации“. Тој не само што ќе го напише планот, туку и реално ќе го изврши.
Она што го прави Cowork специфичен е неговата автономија. Тој работи во циклуси — прави план, го извршува, и ве известува за напредокот. Најважно од сè, тој бара дозвола пред да направи каква било значајна промена (како бришење фајлови), што ви овозможува целосна контрола врз процесот.
Дополнително, со интеграцијата на Chrome, Cowork може да користи и прелистувач за задачи кои бараат пристап до интернет, со што се затвора кругот помеѓу вашите локални фајлови и дигиталниот свет.
Бидејќи станува збор за алатка која има директен пристап до вашиот систем, Anthropic го лансира ова како Research Preview. Достапен е само за корисниците на Claude Max на macOS, со јасни предупредувања за внимателно користење.
Иако има вградени заштити од „prompt injection“, препораката е јасна: секогаш прегледувајте ги плановите на асистентот пред да му дадете зелено светло.













































