Ако досега се обидувавте да го пробате конкурентот од Google на ChatGPT и Bing, сигурно имате забележано дека тоа не е можно, со едноставната порака дека Bard се’ уште не е достапен во нашата земја.
Причината за недостапноста на Bard во нашата земја беше истата со таа за земјите од ЕУ, па сега „проблемите“ се надминати и генеративната вештачка интелигенција од Google е достапна за скоро сите земји во светот и секако во нашата.
За да се пристапи и „разговара“ со Bard, се што треба е да се отвори страната bard.google.com и да се биде најавен со Google сметката. Функционирањето на Bard е исто како и кај конкурентите, односно може да се поставуваат прашања наместо да се истражува и пребарува по интернет, а тука се и можностите за креирање на содржина, проверка на код и слично.
Со пуштањето на Bard во повеќето земји, од Google најавија и неколку нови функции кои ќе ја подобрат работата. Овие новини ги вклучуваат можноста за слушање на одговорите, прилагодување на стилот на одговори, прикачување и промена на името на разговорите, споделување на одговорите со пријатели, како и користење на слики за поставување на прашањата.