Фото: Shutterstock.com

Долгогодишното партнерство помеѓу Microsoft и OpenAI, кое до неодамна се сметаше за нераскинлив столб во развојот на модерната вештачка интелигенција, влегува во нова и покомплексна фаза. Иако соработката донесе револуционерни промени на пазарот, најновите информации укажуваат на тоа дека Microsoft веќе презема конкретни чекори за да ја намали својата изложеност и зависност од моделите на компанијата предводена од Сем Алтман. 

Оваа одлука доаѓа во време кога OpenAI продолжува да бара огромни инвестиции за одржување на својата инфраструктура, што кај инвеститорите создава одредена доза на претпазливост во однос на долгорочната одржливост на таквиот бизнис модел.

Инаку, потврдата за оваа информација доаѓа директно од главниот за развој на ВИ во Microsoft, Мустафа Сулејман, за Financial Times. 

Стратегијата на Microsoft се движи во насока на развој на сопствени, помали и поефикасни јазични модели кои можат да извршуваат специфични задачи. Со фокус на сопствената серија модели, компанијата сака да им понуди на корисниците и на бизнис секторот алтернативи кои се поевтини за одржување и полесни за имплементација во постоечките софтверски решенија. 

Овој потег јасно покажува дека гигантот од Редмонд не сака да ги стави сите свои карти на една позиција, туку гради екосистем каде OpenAI ќе биде само еден од многуте извори на ВИ.

Од друга страна, финансиските потреби на OpenAI стануваат сè поизразени, што ја става компанијата во позиција постојано да бара нов капитал од големите технолошки играчи. Додека Microsoft останува значаен сојузник, нивната решеност да инвестираат во сопствена интелектуална сопственост и хардверска оптимизација испраќа порака дека доминацијата на ChatGPT можеби нема да биде вечна константа во нивното портфолио.