Фото: Shutterstock.com

Во рамките на годишниот собир на Светскиот Економски Форум, директорот на Microsoft, Сатја Надела, имаше посебна трибина на која разговараше, за што друго ако не за вештачката интелигенција. 

Очекувањата за придонесот на ВИ се доста големи, но изминатиот период тоа не доаѓа баш до израз, а компаниите како Microsoft кои на секој начин гледаат да ги наметнат ваквите алатки, очекувано добиваат доста критики. 

Конкретно за Microsoft критиките се дека покрај доста големото наметнување на Copilot, од компанијата не посветуваат доволно внимание на останатите функции на Windows 11, како и перформансите, а тука е и насочувањето на корисниците да ги купуваат новите Copilot+ компјутери. 

Дека од компанијата планираат да продолжат со досегашниот начин на работа добивме потврда од новогодишната објава на Сатја Надела, а сега имаме и дефинитивна потврда од неговиот настап во рамките на Светскиот Економски Форум. 

Прашањата и одговорите во главно беа поврзани со вештачката интелигенција. Надела истакнува дека моментално функционираме во фаза каде восхитот и очекувањата од вештачката интелигенција се големи, но ќе мора да се направи нешто корисно со ВИ, нешто што ќе ги промени резултатите кои ги имаат луѓето, заедниците и земјите. 

Доколку ова не се случи, тој верува дека компаниите кои работат на развој на вештачката интелигенција ќе ја изгубат општествената дозвола за искористувањето на енергијата, која е ограничена, за да ги овозможуваат алатките. 

Иако човекот запнал ВИ да биде прифатена, мора да се признае дека ова што го кажува има логика. Вештачката интелигенција ќе мора да почне да се користи за нешто повеќе од генерирање на смешни слики, пишување на „мејлови“, сумирање на текст и слично, за да може да се оправда нејзиниот развој. 

Доколку вештачката интелигенција се користеше навистина за работи кои би придонеле во областите како образованието, здравството, науката и слично, наместо да биде наметната каде што корисниците и не гледаат корист, можеби Microsoft немаше да има проблем со угледот. 

Целото видео од разговорот со Сатја Надела во рамките на СЕФ, можете да го погледнете во продолжение.