Популарноста која ја доби првата јавна верзија од ChatGPT, јазичниот модел кој наједноставно е познат како бот базиран на вештачка интелигенција, направи да вестите како оваа не треба да не изненадат.
Судијата Хуан Мануел Падија Гарсија, кој претседава со Првиот окружен суд во колумбискиот град Картагена, објави дека има користено AI алатка за донесување одлука во случај, односно при донесувањето на пресудата. Алатката која ја има користено е ChatGPT од OpenAI, која како што видовме може да даде одговор скоро на секое прашање, со детално објаснување.
Според судијата, тој има направено комбинација на одговорите кои ги има добиено од алатката со неговата проценка, по што ја има донесено пресудата во случај за дали аутистично дете треба да му бидат покриени медицинските сметки од страна на осигурителната компанија.
Целта на користењето на алатката не била да се замени целосно одлуката на судијата, туку, како што истакнува судијата Гарсија, да се оптимизира времето поминато во правењето на одлуките.
Прашањата кои биле поставени, а и добиените одговори се целосно вклучени во пресудата, а документот објавен на интернет.
Ова може да претставува само почеток на практика која потенцијално би била проблематична. Алатките како ChatGPT, многу луѓе не ги разбираат како функционираат и мислат дека се работи за вештачка интелигенција способна да разбира и размислува, како на филмовите. Овие алатки во основа се само јазични модели кои се тренирани на голем број на податоци и се во можност да ги поврзат тие податоци со поставени прашања. Способноста да се постави прашање како на човек и да се добие одговор, не значи дека тие одговори мора да се точни.