Microsoft претстави уште една апликација како дел од нивниот Microsoft 365 пакет. Microsoft Loop е апликација инспирирана од се поголемото работење надвор од канцелариите, нешто што доста се зголеми пред 3 години со корона кризата.
Апликацијата им е достапна на сите корисници, но се’ уште во тест фаза, односно „preview“, па корисниците треба да го имаат и тоа во предвид доколку нешто не функционира како што треба.
Microsoft Loop во основа е еден вид на „маса или биро“ на кои се организираат различни проекти на различни тимови во компаниите, со можност да се сподели работата надвор од овие тимови.
Апликацијата е составена од три делови, кратко кажано. Се започнува со креирање на „Workspace“, нешто што претставува одреден проект кој е составен од одреден тим, како на пример претставување на нов производ.
Во овој workspace може да се креираат повеќе страни, каде што во основа се дели работата според одредени теми и слично.

Во секоја од страните е каде што се случува соработката, во основа, а во страните може да се ставаат текстови, задачи, анкети, табели, слики и слично. Секако, соработката може да се прави и врз основа на веќе зачувани документи во компанијата кои би станале дел од соработката на тимот.
Една од поголеми можности на Microsoft Loop е можноста за споделување на работата надвор од тимот, односно во Word, Outlook, Teams и другите апликации. Тоа се прави преку креирање на посебен „исечок“ од работата, а тој исечок потоа се вметнува во другите апликации.
Се што се работи преку другите апликации се ажурира и во Loop апликацијата, што значи дека не се работи само за слика или копија.
Microsoft Loop е конкурент на веќе достапна ваква апликација наречена Notion, која веќе е доста популарна. Од компанијата имаат обичај да претставуваат свои решенија за познати сервиси, а така започна и сега доста популарниот Microsoft Teams.
Апликацијата дополнително поддржува и реакции во самите страни, со што корисниците можат подобро да се изразат и да го дадат своето мислење и поддршка за одредени делови од работата. Достапна ќе биде и мобилна апликација, која иако не е замислена како целосна замена за десктоп, ќе овозможи следење на напредокот надвор од пристапот до компјутерот.