Откривањето на се’ уште необјавената PC Manager апликација на кинеската верзија од веб страната на Microsoft, покажува дека од компанијата работат на сопствено решение на едни од најпопуларните апликации, барем до пред десеттина години.

PC Manager од Microsoft може да се спореди со CCleaner или други слични апликации, иако од тоа што може да се види сега таа не ги нуди сите функции како своите конкуренти.

Апликацијата од Microsoft нуди неколку функции кои веќе се достапни во Windows, но сега поставени во едно централно место за побрз и полесен пристап, но и неколку други кои обично беа карактеристични за конкурентните апликации.

PC Manager овозможува бришење на привремените датотеки кои го зафаќаат просторот на дискот, како што се привремени слики, системски логови и слични непотребни датотеки после одреден период. Апликацијата исто така може да пребарува за големи датотеки кои зафаќаат поголем простор на дискот, а може да ја исчисти и RAM меморијата.

Дополнителни функции достапни кај PC Manager вклучуваат проверка на „здравјето“ на компјутерот, уредување на дискот, уредување на апликациите кои се вклучуваат со компјутерот, како и чистење на историјат на сурфање.

Не е јасно дали од компанијата планираат да ја пуштат оваа апликација наскоро или фактот што е најдена на кинеска верзија од Microsoft значи дека е планирана само за одредени региони во светот, но не за сите.

Ваквите апликации едно време беа доста популарни, а корисниците веруваа дека нивното користење ја забрзува работата на компјутерот. Иако ова до некаде е точно, сепак ваквите апликации можат да направат непотребни проблеми, а посебно ако почнат да користат функции за прикажување реклами и слични проблеми кои веќе се имаат покажано.

ИЗВОРTechSpot
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаSurface Duo уредите од Microsoft надградени со Windows 11 дизајн елементи и Android 12L
Следна статијаА1 Game Fest финале на 28 и 29 октомври
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.