Notepad е една од постарите апликации на Windows која се’ уште е достапна во истата форма и скоро со истите функции до ден денес. Оваа апликација во главно се користи за отворање на „.txt“ датотеките од страна на корисниците кои обично не работат и со другите датотеки кои се отвораат со ваквите апликации.
Тие кои работат со такви датотеки користат доста понапредни апликации, а и Microsoft има таква, што значи дека Notepad не се обидува да навлезе на тој пазар.
Како и да е, по добивањето на малку освежен изглед и темна тема во Windows 11, оваа апликација изгледа ќе добие и „табови“. Тоа значи дека корисниците ќе можат да отворат повеќе датотеки во исто време, а тоа нема да мора да го направат правејќи мал хаос со отворање на повеќе прозори од апликацијата.

Информацијата по грешка ја објавува вработен во Microsoft, а и на самата слика се гледа предупредувањето дека се работи за доверлива функција и за истата не треба да се разговара или да се прават слики.
Апликацијата на која навистина и беше потребна ваква функција и конечно ја доби после години на барање од корисниците е File Explorer. Оваа апликација сега има вградена можност за отворање на табови, па корисниците веќе не мора да инсталираат други апликација, ако таа е единствената функција која им е потребна.
Со оглед на тоа што табовите кај Notepad уште не се дел од Windows Insider тест верзиите, не е познато кога може да се очекува да бидат пуштени за сите. Не се исклучува ни можноста оваа функција само да се тестира внатре во компанијата, а никогаш и да не биде официјално достапна.