Иако Microsoft дава нешто поголемо внимание на нивната едноставна и стара Paint апликација, сепак не очекував дека би продолжиле со нејзина посериозна надградба.
По најавата дека Paint ќе добие можност за автоматско отстранување на позадината од сликите, сега од Microsoft најавија дека апликацијата ќе добие уште две нови понапредни функции.
Paint ќе добие можност за работа со слоеви или повеќе познати на англиски како „layers“, функција која обично е достапна кај понапредните апликации како Photoshop.
Се разбира, слоевите и можностите кои тие ги имаат во Paint не можат да се споредат со Photoshop, па секако дека најпознатата апликација во светот од Adobe не добива нова конкуренција.

Покрај слоеви, Paint добива и поддршка за проѕирни делови на сликите, односно тргањето на позадината сега ќе биде навистина проѕирен дел, наместо пополнет со бела боја. Ваквата датотека потоа ќе може да се зачува како „png“, формат кој се користи за зачувување на слики без позадина.
Овие новини кај Paint се достапни за корисниците на Windows Insider, поточно Canary и Dev каналите, а за сите корисници очекуваме дека ќе станат достапни или со поголемата надградба на Windows 11 идниот месец или до крајот на годината.