WhatsApp или поточно Meta, најавија нова функција достапна за корисниците во април оваа година. Функцијата Communities сега почнува и официјално да им биде достапна на корисниците, но од компанијата најавија дека сепак процесот ќе трае неколку месеци додека сите ја добијат.
Communities во основа е замислена да под „една капа“ собере неколку групи за нивно полесно менаџирање. Или со други зборови, Communities е замислена за организирање на групи од соседството, куќните совети, родителите во училиштата, тимови на работа и слично.
Со ставање на неколку групи во една „заедница“ се добива можноста да неколку теми се издвојат, па наместо да се има една група во куќниот совет, може да се има неколку зависно од потребите на станарите.
Корисниците ќе можат да се префрлуваат низ достапните групи во една заедница, а администраторите ќе можат да пуштаат известувања на сите членови ви заедницата, односно во сите групи.

Како и останатите разговори во WhatsApp, така и кај заедниците, тие се шифрирани, односно заштитени од можноста некоја трета страна, вклучувајќи ги и Meta, да ги прочита пораките. Корисниците можат да креираат целосно нови заедници или да направат некоја од постојните групи.
Покрај пуштањето на Communities, WhatsApp најави и неколку новини кај разговорите и групите. Тие вклучуваат можност за 32 учесници во видео повик, групи до 1024 корисници, како и можност за креирање на анкети во групите и разговорите.