Facebook ја најави оваа алатка пред почетокот на летото и истата сега е достапна за сите корисници, односно ќе биде во текот на наредните неколку дена. Во основа, она што оваа алатка го овозможува е на брз и краток начин да ги проверите вашите основни прилагодувања кои што се однесуваат на приватноста на вашиот профил и работите кои што ги објавувате.
Прилагодувањата не се нови, односно отсекогаш биле дел од Settings делот на Facebook, меѓутоа многу од корисниците никогаш ги немаат проверено, а можеби голем дел не ги разбираат сите за да ги наместат согласно нивните потреби. Причина за тоа се и не толку ретките промени кои што ги прави оваа социјална мрежа, па со тоа збунува доста од стандардните корисници.
Privacy Checkup алатката треба самата да се појави нареден пат кога ќе се најавите на вашата Facebook сметка преку веб. Доколку ја имате исклучено алатката без да ги поминете чекорите или доколку повторно сакате да ја вклучите, истата ќе биде цело време достапна на копчето за прилагодувања за приватност кое што се наоѓа на горниот десен дел од лентата, односно десно од вашето име.
Алатката вклучува процес на проверка на прилагодувањата за приватност во три чекори. Чекорите ги вклучуваат следните проверки:
Чекор 1 – Вашите објави
Во овој чекор ќе ви биде прикажано на кој се е достапно тоа што го објавувате, односно вашите статусни објави, слики, видеа и слично. Тоа може да биде наместено да биде јавно или на вашите пријатели, а достапни се и подетални прилагодувања по групи, како и можноста да само вие ги гледате објавите. Доколку прилагодувањето е наместено како што сакате да биде, односно на стандардното за пријателите, можете да преминете на следниот чекор.
Чекор 2 – Апликациите кои што ги имате поврзано со вашата Facebook сметка
Facebook ви овозможува да се поврзете со вашата сметка на други веб страни кои со тоа добиваат пристап до вашата сметка. Во овој чекор можете да направите проверка кој може да ги види работите кои што некој од тие сервиси и апликации можат да ги објават во ваше име, а можете и да го избришете поврзувањето на сметката со некои од нив.
Чекор 3 – Информации на вашиот профил
Во овој чекор дадено ви е да ги проверите информациите кои што ги имате ставено на вашиот профил, како што се вашето работно место, место на живеење, адреса, телефонски број и слично, за кои групи на луѓе се достапни. Даден ви е избор за секоја информација посебно да изберете дали сакате да биде јавна, приватна или споделена со вашите пријатели.
Можеби за корисниците што добро го имаат разгледано Settings менито на Facebook, ова е непотребна алатка, меѓутоа сигурно има доста кои што сепак не знаеле дека одредени работи биле достапни за групи на луѓе кои што не би сакале да можат да ги видат.
Извор: Facebook