TikTok е толку голема конкуренција на Meta, што веќе од компанијата и не се ни обидуваат да го сокријат истото. Промените кои во периодот што следи може да се очекуваат на нивните две апликации, Instagram и Facebook, одат во подиректно приближување на нивниот главен конкурент.
Проширување на просторот на кој се прикажуваат објавите на Instagram е нешто што веќе се тестира од минатиот месец. Оваа промена оди заедно со поголемо прикажување на препорачана содржина, не само од пријателите, како и почесто прикажување на Reels и Stories.
Сега од компанијата тестираат дополнителна промена на прикажувањето на објавите која уште повеќе потсетува на TikTok. Наместо зголемување на објавата во својот дел, сега истата се прикажува на целиот екран, односно го зафаќа и горниот дел од апликацијата.
Како изгледа оваа промена прикажа Марк Закерберг преку Instagram Story, а и истакна дека тие сакаат да направат на корисниците да им биде полесно да откријат нова содржина и да се поврзат со пријателите. Сликите остануваат важен дел од Instagram и се работи како и тие да бидат прикажувани на целиот екран како Reels.
Закерберг најавува дека дел од корисниците ќе почнат да ги гледаат овие новини наскоро, но не е познато кога би биле пуштени за сите корисници. Со оглед на тоа дека се работи за поголема промена во корисничкиот интерфејс, сигурно од Meta ќе сакаат да бидат сигурни дека корисниците добро реагираат на истата.
Facebook исто така ќе добие одредени промени кои треба да ја направат оваа мрежа повеќе конкурентна со TikTok. Промените ќе донесат повеќе содржина која е предложена, а помалку од пријателите, а почесто ќе се прикажуваат и Reels видеата и Stories.