По овозможувањето да секој кој плаќа претплата за Twitter Blue добие ознака за верификуван профил со додавање на познатиот син беџ до името, настана очекувана забуна за тоа како би се знаело кој профил е навистина проверен од страна на компанијата.

Се случи и суспендирање на сметките на неколку познати личности во САД кои по добивањето на синиот беџ го променија своето име во Елон Маск за да покажат до какви ситуации може да дојде сега.

Денеска од компанијата излегоа со нова ознака која ќе ја добиваат профилите на владините корисници, компаниите, поголемите медиуми, издавачите и некои јавни личности. Ознаката е наречена „Official“ и за разлика од претходната наплата на синиот беџ за верификување, таа нема да се наплаќа.

Неколку часа по најавата и пуштањето на новата ознака, во одговор на профилот на познатиот Маркез Браунли, Елон Маск напиша, „ја убив (откажав)“. Тој додаде и дека синиот беџ ќе биде доволен за да се добие саканиот ефект.

Според информациите од Естер Крафорд, која е задолжена за промените со Twitter Blue, ознаката Official сепак ќе остане, но ќе се користи само кај владините корисници и некои компании, но не и за другите поединечни корисници.

На Маск очигледно му е јасно дека тоа што се случува од страна изгледа чудно, па објави и дека во месеците што следат ќе се случуваат многу глупави работи на Twitter и дека ќе го задржат тоа што функционира и ќе го променат тоа што не.

Претходна статијаГејминг натпревар во диско
Следна статијаОфицијално пуштена новата Twitter Blue претплата која чини 8 долари
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.