Една од подобрите карактеристики на Twitter досега беше отвореноста на мрежата, односно можноста да се видат јавните објави од корисници кои немаат сметка или во моментот не се најавени со истата.
Ова овозможуваше да секој кој има добиено линк до некој јавен „твит“, истиот може да го отвори, без разлика дали тој е корисникот на Twitter или во моментот не е најавен со својата сметка.
Сега оваа можност е прекината, па за да може да се отвори некоја јавна објава од мрежата, корисникот ќе мора да се најави со својата сметка или ако нема, да креира, односно да се регистрира со нова сметка.
Како главна причина се истакнува истата која стои зад одлуката да се ограничи бројот на објави кои корисниците може да ги прочитаат во текот на еден ден, а тоа е злоупотреба на мрежата преку собирање на нејзините податоци во огромни количини.
Според Елон Маск, ова собирање го прават голем број на компании кои ја користат мрежата за тренирање на нивните модели со вештачка интелигенција, нешто што е можеби најпопуларно изминатите месеци.
Се очекува дека и оваа одлука ќе биде привремена, исто како таа за бројот на објави што може да се прочитаат, а ќе трае додека од компанијата не најдат начин како да се заштитат од собирањето на податоците.